Samsung веќе четврта година по ред успева да понуди одличен паметен телефон со мали димензии. Galaxy S23 во мало, практично и удобно издание нуди речиси се што и најмоќниот Galaxy S23 Ultra.
Текст и фото: Никола Бурагев
Samsung Galaxy S23 во теорија не делува како голема подобрување во однос на Galaxy S22. Но, бројките на хартија можат многу да измамат. S23 има многу мали и корисни подобрувања, и секако неколку големи кои се главно врзани за извонредниот нов процесор на Qualcomm. Токму поради тоа што сите Galaxy S23 уреди оваа година го користат чипсетот Snapdragon 8 Gen2 For Galaxy, со нетрпение чекав да го испробам овој мал моќен смартфон.
Дизајн и ергономија
Во споредба со неговиот претходник, Galaxy S23 всушност донесува многу малку промени однадвор. Повторно е направен од комбинација на стакло и алуминиумска рамка и е малку поголем и потежок од минатогодишниот Galaxy S22, кој минатата година ја освои титулата за најдобар компактен флегшип во светот.
Од предната страна го краси екран со дијагнанла од 6,1 инчи со исклучително тенка рамка со отвор за селфи камера во средината и читач за отпечатоци подолу. На задната страна е поставен нов модул за тројна камера, кој е сличен на оној кај топ-моделот Galaxy S23 Ultra, така што три мали леќи излегуваат посебно од површината.
Нема промени ниту кај металната рамка, па сите копчиња се сместени од десната страна, односно копчето за вклучување и за контрола на јачината на звукот. На врвот на уредот нема ништо, а на дното се е лоциран USB-C приклучокот, главниот звучник, главниот микрофон и слот за две nano-sim картички.
Во практично невидливиот процеп над екранот е сместен втор звучник кој соработува со оној на долниот раб, а ги потпишува AKG. Galaxy S23 е водоотпорен според IP68 сертификатот, па може без проблем да нурне до длабочина од 1,5 метри до 30 минути.
И предниот и задниот дел имаат уште понапредно стакло Gorilla Glass Victus 2, поради што смартфонот е поотпорен на гребнатини и кршење. Во периодот на користење од две недели не се здоби со никакви траги.
Ако зборуваме за естетика, Galaxy S23 е прилично ненаметлив со минималистичките рамни рабови, кои му го дефибираат препознатливиот дизајн. Ова посебно се однесува на фантомска црна боја, а доколку барате нешто позабавно, може да изберете од останатите три бои. Продажниот пакет е очекувано „тенок“ и единствено содржи USB-C кабел и игличка за извлекување на фиоката за SIM картичката. Полначот се купува посебно, а треба да побарате 25W или помоќен.
Екран
Минатогодишниот Galaxy S22 имаше фантастичен мал екран, а таков дисплеј има и Galaxy S23. Повторно зборуваме за Dynamic AMOLED 2X панелот на Samsung во FHD+ резолуција со стапка на освежување од 120 Hz за флуидни анимации и мазно скролање низ содржината.
Дисплејот се одликува со широк опсег на бои кои се изразени. Приказот е остар, а читливоста под агол е фантастична. Во споредба со екранот на својот претходник, тој е нешто посветол на максимум, поради што е уште поудобен за користење на отворен простор. Поддржува и AlwaysON приказ, а мене лично, освен помалите димензии, ми се допаѓа и тоа што екранот е целосно рамен, без искривување на страните што ги има кај S23 Ultra моделот.
Само во моментите додека гледав видео нешто подолго, посакав да биде малку поголем, но реално, може да се направи се што е потребно и на овој дисплеј. Корисно е и тоа што може да се вклучи или исклучи со допир на екранот, како и дека се вклучува кога ќе се подигне смартфонот, доколку се избере оваа опција во поставките.
Камери
Покрај селфи камерата, која доби сензор од 12MP наместо 10MP на својот претходник, Samsung тука не ги промени значително камерите. Само Galaxy S23 Ultra доби нова главна камера од 200 MP.
Повторно има три камери одзади во иста конфигурација – Главна камера од 50 MP, телефото од 10 MP за 3x оптички зум и 12MP во ултраширока камера. Притоа, главната и телефото камерата се опремени со оптичка стабилизација, а главната со супер брз и прецизен DualPixel автофокус.
Селфи камерата снима многу убави портрети како во текот на денот, така и ноќно време. Бока ефектот е доста природен, а оваа камера на дневна светлина снима и одлично 4K видео до 60 fps со прилично добра електронска стабилизација на сликата.
Главната камера без изненадување снима прекрасни фотографии во текот на денот со многу детали и изразени бои, кои потоа изгледаат одлично на Instagram. Покрај тоа, креира и многу убави фотографии навечер, кога автоматски влегува во Ноќен режим, кој можете да се вклучи и рачно.
Портретниот режим снима некои од најдобрите портрети со заматена позадина. Секако, тие зависат од темата, но важно е тоа што прилично прецизно го одвојува предметот од позадината, а бока ефектот изгледа многу природно.
Ултрашироката камера е исто така солидна, особено во текот на денот. Нема голема разлика во репродукцијата на боите во однос на главната камера. Телефото камерата е стандардна, а не перископ како кај моделот Ultra. Нуди 3x оптичко зголемување без губење на квалитетот. Нуди и дигитално зголемување до 30x, каде што до 10x е сосема во ред.
Galaxy S23 снима и одлично видео, до 8K резолуција, а 4K видеото со 60 fps има одлична стабилизација. Ова е посебно точно кога се снима во текот на денот.
Како и вообичаено, Samsung нуди неколку опции за снимање и режими на камерата, вклучувајќи професионален фотоапрат и видео камера, и портретно видео што ја замаглува позадината зад субјектот, како кај iPhone и Pixel телефоните во кинематски режим на снимање.
Накратко, Galaxy S23 можеби не донесува значително подобрување на камерата во однос на неговиот претходник, но сепак е веројатно моментно најдобрата камера на некој мал телефон денес.
Ова е посебно точно во светот на Android, па ако барате компактен смартфон со одлични камери, Galaxy S23 секако би требало да се најде на вашата листа.
Android 13 + ONE UI 5.1
Galaxy S23 серијата немаше долго време ексклузива над One UI 5.1 интерфејсот. Досега веќе голем број Galaxy S модели беа ажурирани на Android 13 и најновиот One UI 5.1, со што Samsung докажува дека мисли сериозно и по прашањето на софверската поддршка. Така и за овој Galaxy S23 компанијата гарантира четири големи ажурирања на Android, односно до Android 18 и пет години сигурносни закрпи.
One UI 5.1 нуди многу опции на прилагодување на изгледот. Убаво е разработен, а конзистентноста на дизајнот на елементите на интерфејсот е јасна во сите сегменти, од Центарот за известувања преку поставките до мултитаскингот и практичното странично мени, па се до интерфејсот на камерата.
Перформанси, звук, батерија
Конечно го имаме она што многумина го посакуваа сите овие години – Snapdragon чипсет за сите. Станува збор за најмодерниот 4-нанометарски погонски чип на компанијата Qualcomm, специјално прилагоден за Galaxy телефоните со нешто повисок такт на главното јадро и графичкиот копроцесор. Тоа веднаш се чувствува под прстите, бидејќи овозможува побрза и пофлуидна работа на уредот и беспрекорно префрлање помеѓу апликациите. При користењето на уредот, во ниту еден момент не доаѓа до забавување или намалување на перформансите, што е навистина импресивно за еден компактен телефон со мали димензии.
8 GB RAM меморија е единствената опција, а може да се избере помеѓу 128, 256 и 512 GB простор за складирање податоци. Го препорачувам моделот со најмалку 256 GB, бидејќи освен што ќе живеете поудобно на долг рок, ќе добиете и побрз UFS 4.0 податочен чип.
Мемориските картички не се поддржани, бидејќи веќе не се поддржани од практично ниту еден смартфон во горниот сегмент, а прашање на време е кога ќе биде отстранат и слотот за nanoSIM картичка.
Ултразвучниот читач за отпечатоци под екранот е одличен, брз и сигурен, а покрај него може да поставите и „отклучување со лице“. Звучниците се исто така нешто погласни во однос на претходникот и со оглед на димензиите на телефонот. Уредот не поседува 3,5 мм аудио приклучок, ниту споменатиот слот за мемориски картички. Ретки телефони во премиум сегментот денес го имаат.
Во однос на конекциите, 5G, Wi-Fi 6 и GPS работат беспрекорно, а квалитетот на повиците е одличен. Покрај две физички nano SIM картички, Galaxy S23 поддржува и eSIM, а секако и NFC за мобилно плаќање. Го поддржува и најновиот Bluetooth 5.3 стандард.
Во споредба со неговиот претходник, батеријата порасна од 3700 на 3900 mAh, така што и автономијата е подобра за приближно ист процент. Со своето типично, мешано полнење добив седум часа со вклучен екран, што е одличен резултат за толку компактен смартфон.
Се полни жично и безжично и поддржува реверзибилно полнење на други уреди преку задната страна, а поддржано е полнење од 25 W. Во секој случај, полначот ќе мора да го купите посебно.
Заклучок
Samsung веќе четврта година по ред успева да понуди одличен компактен флегшип смартфон. Galaxy S23 во мало, практично и удобно издание нуди речиси се што и најмоќниот Galaxy S23 Ultra.
Реално, ретко на кого му е потребен поголем телефон од овој, а ако се одлучите за него секогаш кога со палецот ќе посегнете до горниот дел од екранот или ќе седнете со него во предниот џеб од фармерките, нема да зажалите.
Не треба да се плашите од автономија, што е многу добро. Единствениот вистински минус е високата цена (+900€), а на мислење сум дека ваков беспрекорен компакт треба да има најмалку 256GB простор за складирање податоци.
Samsung Galaxy S23 се продава во Македонија по препорачана малопродажна цена од 56.999 денари.
ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ
Samsung Galaxy S23 |
|
Екран |
|
Димензии и тежина |
|
Чипсет |
|
Камера |
|
Меморија |
|
Батерија |
|
Полнење |
|
OS |
|
Мрежа и поврзување |
|
Безбедност |
|
Водоотпорност |
|
Оценка |
5/5 |