Добивањето порака од вонземската цивилизација би го преобликувало целото човештво. Проектот „Sign in Space“ е проба за тој настан.
Човештвото е чекор поблиску до комуникација со вонземјани. Институтот SETI, непрофитна организација посветена на потрагата по живот во вселената, симулираше вонземски сигнал со тоа што вселенското летало што орбитира околу Марс испрати порака во 3 часот по полноќ.
Радио брановите беа испратени низ вселената со брзина на светлината, а големите телескопи на Земјата ги забележаа 16 минути подоцна.
Оваа вежба, прва од ваков вид, е дизајнирана да ги подготви научниците за настан кој „длабоко ќе го промени човештвото“ – контакт со вонземски суштества, пишува Дејли Мејл.
Научниците од САД и Италија беа пресреќни кога на нивните компјутерски екрани се појави пораката што ја добија на делови.
Сигналот можел да го фатат и бројни радио аматери ширум светот на фреквенција од 8,4 гигахерци.
Сепак, научниот тим не ги откри клучните информации – вклучувајќи го и типот на сигналот и што содржи тој. Оваа тајност е неопходна бидејќи шифрираниот пренос ќе биде споделен со јавноста, по што сите ќе учествуваат во неговото дешифрирање.
Даниела де Паулис, визионерката зад проектот „Знак во вселената“, за време на преносот во живо рече: „Ова беше многу реално. Ова не беше првпат да примиме сигнал од орбитарот на Марс, но овој имаше вистинска порака. “
Сигналот бил примен на Земјата од три големи телескопи: Ален телескопска низа (ATA) во Калифорнија, опсерваторијата Роберт Бирд и Грин Банк (ГБО) во Западна Вирџинија и радио астрономската станица Медичина во северна Италија.