Моментно најмоќниот таблет на Amazon во понудата, Fire Max 11 го покренува MTK8188J чипсетот на MediaTek, поврзан со 4 GB RAM и до 128 GB простор за складирање.
Оваа недела Amazon реши да ја освежи својата палета на таблет уреди и го претстави Fire Max 11. Иако можеби не делува така врз основа на спецификациите, се работи за неговиот најмоќен таблет досега, кој според компанијата е наменет за гејминг и работа.
Имено, Fire Max 11 доаѓа со 11-инчен екран со резолуција од 2.000 x 1.200 пиксели. Amazon не ги откри останатите спецификации на екранот, но познато е дека таблетот се напојува со 8-јадрен SoC на MediaTek MTK8188J, поврзан со 4GB RAM и 64GB или 128GB интерна меморија.
Капацитетот на батеријата е непознат, но според Amazon, корисниците треба да очекуваат до 14 часа користење уредот пред да треба да се наполни. Таблетот доаѓа со полнач од 9 вати, кој ќе го полни уредот до 100 проценти за околу четири часа, а за малку побрзо полнење може дополнително да се купи адаптер од 15 W.
Fire Max 11 поседува две камери од 8 мегапиксели – една на задната и една на предната страна. Меѓу другите функции, има поддршка за Wi-Fi 6 и Bluetooth 5.3, како и звучници Dolby Atmos. Првичната верзија на таблетот со реклами на заклучениот екран веќе може да се нарача однапред на Amazon Германија по цена од 269,99 евра. За верзијата без реклами треба да се доплати 15 евра. Заедно со уредот може да се набави и пенкало и наменска тастатура со држач, но потоа цената се искачува на 394,97 евра.