Гласините откриваат моќен процесор и одлични камери, а ќе биде интересно да се види колку ќе чини телефонот.
Кога компанијата Oppo го претстави својот прв паметен телефон со екран на преклопување, дел од технолошките медиуми го прогласија за можеби најдобриот флексибилен модел на пазарот. Оттогаш, компанијата го претстави својот наследник, како и уште еден смартфон на преклоп, моделот N Flip.
Во текот на тој период не мируваше ниту конкуренцијата. Беа претставени нови модели, а се појавија и некои нови играчи, како Google со својот модел Pixel Fold. Ваквиот, сега уште поконкурентен пазар, Oppo накоро ќе го нападне со својот нов телефон на преклопување. Нема официјални информации, но гласините се зголемуваат и според нив, за два месеци би можеле да видиме како изгледа и што носи Oppo Find N3. Според најновите информации кои ги обезбеди GSM Arena, ова би можело да биде навистина одличен телефон на кој многу луѓе би можеле да размислат кога купуваат уреди со флексибилни екрани.
Oppo Find N3 треба да има надворешен екран од 6,5 инчи и уште поголем внатрешен екран од 8 инчи со резолуција од 2268×2440 пиксели, со стапка на освежување од 120 Hz. Ќе се напојува со најмоќниот чипсет на Qualcomm (Snapdragon 8 Gen 2) и ќе има до 16GB RAM и дури 1 TB простор за складирање податоци.
Капацитетот на батеријата ќе биде 4.805 mAh, па заедно со поддршката за полнење од 80 W преку кабел, телефоните од оваа серија за прв пат ќе поддржуваат и безжично полнење.
GSM Arena споменува и дека новиот Oppo Find N ќе ја има најдобрата оптика досега – главна камера од 50 MP, ултра широка камера од 48 MP и камера со зумирање со перископ од 32 MP. На предната страна ќе има селфи камера од 32 MP.
Официјални информации за овој телефон, вклучувајќи ја и неговата цена, би требало да добиеме во текот на август.