Минатогодишниот Galaxy Z Flip 4 на европскиот пазар чинеше 1.099 евра, а неговиот наследник, претстојниот Z Flip 5 наводно ќе поскапи за дури 200 евра.
Се чини дека имун на поскапувањата нема да биде ниту Galaxy Z Flip 5. Според последните информации кои ги објави грчкиот портал Techmaniacs, за првичната верзија на претстојниот преклопен смартфон на Samsung, клиентите ќе треба да издвојат дури 1.299 евра. Треба да се има предвид дека се работи за моделот со 8 GB RAM и 128 GB простор за складирање.
За споредба, почетната верзија на минатогодишниот Galaxy Z Flip 4 на европскиот пазар чинеше 1.099 евра. Со други зборови, новиот Flip ќе биде речиси 20 отсто поскап, а сепак ќе доаѓа со 128 GB интерна меморија, која во денешно време би требало да биде резервирана исклучиво за телефони од ниска и средна класа.
Сепак, корисниците би можеле да го прифатат ова зголемување на цената, бидејќи Z Flip 5 ќе има поголем надворешен дисплеј кој ќе доаѓа со досега невидени функционалности. Како што веќе објавивме претходно, Samsung соработуваше со Google за да ги оптимизира апликациите како Maps, Messages и YouTube за екранот од 3,4 инчи.
Во теорија, тоа би значело дека корисниците ќе можат да го користат за да одговараат на пораки, за навигација и да гледаат видеа на YouTube, сето тоа без да го отворат телефонот.
Во секој случај, треба да се напомене дека се уште ништо не е официјално. Се ќе биде познато кон крајот на јули, кога Samsung во Сеул ќе ги претстави Galaxy Z Flip 5 и Z Fold 5.