Долгогодишниот аналитичар на Apple тврди дека следната генерација AirPods Pro слушалки ќе може да го проверува здравјето на слухот на корисникот користејќи тест кој репродуцира различни тонови и звуци.
Apple подготвува големо освежување на своите безжични слушалки оваа есен. Според информациите објавени во Power On билтенот од новинарот на Bloomberg, Марк Гурман, претстојните AirPods Pro ќе имаат футрола со USB-C порт за полнење, како и нови здравствени функции кои пристигнуваат како дел од iOS 17.
„Компанијата работи на нова функција за тестирање на слухот која ќе репродуцира различни тонови и звуци за да им помогне на AirPods слушалките да одредат колку добро човекот може да слуша. Идејата е да им се помогне на корисниците да откријат проблеми со слухот, исто како што ЕКG апликацијатa на Apple Watch проверува за проблеми со срцето“, истакнува Гурман.
Функцијата за проверка на здравјето на слухот е достапна веќе некое време во некои безжични слушалки од други производители. На пример, моделот Elite 75t на Jabra ја нуди функцијата MySound, која создава приспособени звучни профили по репродукција на серија тонови во секое уво, со што се проверува кои фреквенции може да ги слушне корисникот, а истото важи и за поновите слушалки Anker.
Но, Гурман вели дека Apple работи и на додавање дополнителни здравствени сензори во AirPods, кои меѓу другото ќе можат да ја мерат температурата на телото.