Премиерата на Nothing Phone (2) телефонот е закажана за 11 јули, а сега се појавија и официјални фотографии од уредот, како и анимации на изменетиот интерфејс Glyph
Телефонот се појави на YouTube каналот MKBHD, па јасно може да се види како горниот дел и страните на Nothing Phone (2) се закривени кон рамката на телефонот, што би требало да биде една од најголемите промени во однос на претходниот модел.
Nothing Phone (2) има 11 сегментирани LED ленти во споредба со 5 единици на Nothing Phone (1). Ажурираниот интерфејс Glyph сега има 33 LED светлосни зони во споредба со 12 на Phone(1), што треба да додаде ниво на грануларна контрола над LED светлата.
Nothing Phone (2) поддржува контрола на јачината на звукот на задната страна со помош на Glyph интерфејсот за прикажување на нивото на јачина на звук. Интерфејсот Glyph може да работи и како тајмер, прикажувајќи го преостанатото време во LED лентата на задната страна. Nothing Phone (2) ќе додаде и Essential (основни) известувања кои се доделени на LED светлата во горниот десен дел од телефонот и кои остануваат активни додека не ги прочитате известувањата, ефективно заменувајќи го светлото што беше на предната страна, покрај камерата.
Nothing најавува дека ќе работи со надворешни програмери на апликации од трети страни за да го искористат новиот Glyph интерфејс, пишува GSMArena.
За потсетување, Nothing Phone (2) ќе биде опремен со Snapdragon 8+ Gen 1 чипсет и батерија од 4.700 mAh. Протекоа и информации за цените: 729 евра за верзијата со 8/256 GB мемориски простор или 849 евра за верзијата со 12/512 GB простор за складирање. Секако, треба да почекаме уште една недела до официјалната премиера, кога овие информации ќе бидат потврдени или демантирани. Како што се очекуваше, Nothing Phone (2) пристигнува во две бои – сива и црна.