Започна нова ера за популарната фудбалска симулација на Electronic Arts, а сега е познато кога првото издание на преименуваната франшиза ќе биде пуштено во продажба.
Станува збор за играта наречена EA Sports FC 24, која ќе биде објавена на 29 септември за PlayStation 4, PlayStation 5, Xbox One, Xbox Series X и S и Nintendo Switch конзолите, како и за компјутер. Долгогодишното партнерство помеѓу EA и FIFA, светската фудбалска организација заврши по објавувањето на FIFA 23.
Гласините велат дека PS5 и Xbox Series X и S верзијата на играта ќе чинат 80 долари, но тоа не е точно. Цената на играта за гореспоменатите конзоли останува 70 долари, но и корисниците на PS4 и Xbox One конзолите ќе треба да издвојат толку пари. Цената на играта за Nintendo Switch ќе изнесува 60 долари, а за PC 70 долари.
Ultimate Edition верзијата ќе биде достапна за 100 долари и ќе вклучува Ultimate Team придобивки, 4.600 FC бодови и до седум дена ран пристап. Оние кои ќе се одлучат за стандардната верзија нема да имаат пристап до Ultimate Team Campaign режимот, но сепак ќе можат да ја играат стандардната верзија на Ultimate Team бидејќи EA не сака да исклучи ниту еден играч од еден од своите најголеми извори на приход.
Дополнително, Electronic Arts првпат воведува фудбалерки во Ultimate Team, што значи дека мажите и жените ќе можат да играат едни против други на истиот виртуелен терен.
Новата игра ќе добие и две нови женски лиги, шпанската Лига F и германската Фраунен-Бундеслига, кои се двете највисоки нивоа на женски фудбал во Шпанија и Германија.
EA склучи договори со бројни лиги и организации со цел симулацијата да остане што е можно поблиску до реалноста. Дел од неа се повеќе од 19.000 автентични фудбалери, над 30 лиги и повеќе од 100 стадиони. Компанијата обезбеди и ексклузивни договори со англиската премиерлига и УЕФА за да го користи нивниот бренд и да го задржи пристапот до натпреварите како што е Лигата на шампионите.