Индија денеска ќе ја лансира третата мисија на Месечината со цел да стане првата земја што успешно слетала на малку истражениот Јужен Пол
Вселенското летало Chandrayaan-3 со орбитер, лендер и ровер беше лансирано денеска од вселенскиот центар „Срихарикота“, а леталото ќе стигне на Месечината на 23 или 24 август. Доколку мисијата биде успешна, Индија ќе стане само четвртата земја со „меко“ слетување на Месечината по САД, поранешниот СССР и Кина.
Третата индиска програма за истражување на Месечината, наречена Chandrayaan-3, треба да се заснова на успехот на претходните мисии на Месечината и доаѓа 15 години по првата индиска лунарна мисија во 2008 година, која ја спроведе „првата и најдетална потрага по вода на површината на Месечината и „утврдено е дека Месечината има атмосфера во текот на денот“.
Мисијата Chandrayaan-2, составена од орбитер, лендер и ровер, беше лансирана во јули 2019 година, но беше само делумно успешна. Орбитерот продолжува да кружи и да ја проучува Месечината, но лендерот не успеа безбедно да слета и падна, а причината беше дефект во системот за кочење. Сепак, Индиската организација за вселенско истражување (ИСРО) ги анализираше сите податоци од таа мисија и спроведе симулации за да ги реши сите проблеми.
Вселенското летало Chandrayaan-3 тежи 3.900 килограми и чини 75 милиони долари, а целта му е „меко“ слетување на површината на Месечината. Лендерот Vikram тежи околу 1.500 килограми и во својот „стомак“ го носи роверот Pragyaan тежок 26 килограми. По денешното лансирање, патувањето на вселенското летало до орбитата на Месечината ќе трае 15 до 20 дена, по што научниците ќе почнат да ја намалуваат брзината во следните недели, за да може Vikram безбедно да слета. Ако сѐ оди според планот, роверот со шест тркала ќе се најде на површината на Месечината и ќе се движи низ карпите и кратерите во мисија да собира податоци и фотографии за да ги испрати назад на Земјата.