Екранот на мобилниот телефон што може да се намота на една или две страни, со големина приближно како свиток од пергамент е предмет на патентната пријава на Apple поднесена кон крајот на минатата година.
Електронските уреди со екран на намотување не се новитет, но се прилично ретки, дури и како концепти. Досега можевме да видиме телевизор на LG со екран кој може да се собере како ролетна и концепт за мобилен телефон на Samsung, кој исто така се намотува како свиток. Нешто слично најавуваше и Oppo, а Motorola прикажа еден концепт, но досега не излезе на пазарот со готов производ.
На ова подрачје сега влегува и Apple, и тоа со пријава на патент за слична технологија. На крајот од минатата година нивните експерти предадоа пријава за патент во која се опишува електронски уред со екран на намотување, кој може да се замота и одмота. Таквиот екран би бил покриен со проѕирен заштитен стаклен слој, а тој би бил поставен на деловите што се мотаат и би овозможил намотување во една насока.
Во пријавата од компанијата објаснуваат дека оваа технологија би можела да се примени на мобилните телефони, но и на таблет уредите, лаптопите, паметните часовници, телевизорите и други електронски уреди со екран. Останува да се види дали американските експерти ќе проценат дека овој патент е уникатна иновација или веќе постои нешто слично што би ги спречило да им одобрат патент за екраните на намотување.