Apple ги подобри 15 Pro моделите со поголем сензор, со иста резолуција како и минатата година – 48 MP, но само iPhone 15 Pro Max доби телефото камера со 5x оптички зум, во споредба со 3x кај помалиот iPhone 15 Pro.
Apple денеска го одржа големиот настан под името Wonderlust и ја претстави својата нова iPhone 15 линија смартфони. Продолжувајќи со политиката на префрлање на минатогодишната Pro серија во годинашната основна линија, вистинските промени и иновации вечерва ги видовме кај iPhone 15 Pro и 15 Pro Max моделите.
Титаниум и освежен дизајн
Овој пат, постои јасна визуелна разлика (освен трите леќи на камерата), бидејќи Apple ги намали рамките околу дисплејот, кои сега се малку позаоблени и изработени од титаниум, наместо од нерѓосувачки челик, а додаде и 5X оптички зум кај iPhone 15 Pro Max моделот.
Дизајнот остана речиси ист како кај минатогодишните уреди, со неколку новитети поради кои ќе посакате длабоко да ја завлечете раката во паричникот. За почеток, екраните остануваат со исти димензии, со дијагонала од 6,1 и 6,7 инчи. Тука е и Dynamic Island, со селфи камерата и FaceID сензорите, нo рамките се видливо потенки од минатогодишните модели.
Титаниумското куќиште овозможи iPhone 15 Pro и iPhone 15 Pro Max да бидат најлесните Pro уреди кои досега ги направил Apple, а кои и натаму нудат подобра издржливост од лансите модели со челични рамки. Убаво е и што Apple нагласи дека задното стакло сега многу полесно се менува, поради посебната дизајнерска структура, која овозможува подобро расипање на топлината.
Action копче и нови камери
Наместо прекинувач за исклучување на звукот, iPhone 15 Pro серијата го доби новото Apple копче, кое го најавиваме пред извесно време. Преку него лесно се пристапува до кратенки за камерата, блиц, гласовни белешки и многу други функции.
Кога станува збор за камерите, Apple го подобри телефонот со поголем сензор, со иста резолуција како и минатата година – 48 MP. Новитетот се подобрите портретни фотографии благодарение на купот податоци за длабочината на рамката снимени во процесот. Сепак, најголемото подобрување е телефото камерата со 5x оптички зум кај 15 Pro Max, во споредба со 3x кај помалиот iPhone 15 Pro. Новиот оптички систем се базира на системот тетра призма, кој овозможува поголемо зумирање и пософистицирана стабилизација на сликата во споредба со претходниот систем за зумирање.
Apple најави дека кон крајот на оваа година ќе пристигне нов начин за снимање на просторно видео за iPhone 15 Pro моделит , кој користи снимање со главната и широкоаголната камера во исто време. Овие снимки потоа може да се споделат помеѓу iPhone уредите или да се гледаат со дополнително ниво на длабочина на Apple Vision Pro уредот.
A17 Pro чип и USB-C приклучок
Новите Pro модели добиваат и A17 Pro чипсет, првиот 3-нанометарски чип кај било кој смартфон, заедно со USB-C приклучок за комуникација. Apple вели дека новиот чип е 10% побрз од A16 Bionic, додека графичкиот процесор е 20 проценти побрз од неговиот претходник, со подобра енергетска ефикасност. Новина е и поддршката за хардверски ray-tracing, што во светот на Android и натаму е резервирано само за најдобите од најдобрите.
И покрај најавите, поскапувања речиси и да нема. Почетната верзија на iPhone 15 Pro од 128 GB има препорачана малопродажна цена од 999 долари, додека стартниот 15 Pro Max почнува со 256 GB интерна меморија по цена од 1199 долари. Претпродажбата на сите модели почнува на 15 септември, а новите телефони ќе бидат достапни за купување од 22 септември.