Google вчера претстави неколку нови уреди, а меѓу нив е и паметниот часовник Pixel Watch 2. На прв поглед е јасно дека е речиси идентичен со минатогодишниот модел, но повторно е достапен само во една големина на куќиште од 41 милиметар. Сепак, компанијата додаде поиздржлива стаклена обвивка и користи 100% рециклиран алуминиум.
Часовникот поседува кружен OLED екран со дијагонала од 1,2 инчи и резолуција од 384 x 384 пиксели во споредба со 450 x 450 кај неговиот претходник. Постојат четири категории на нови лица на часовникот, и тоа Accessible, Arc, Gold Digital и Analog Bold. Тие доаѓаат во различни стилови и се карактеризираат убав финиш.
Pixel Watch 2 доаѓа со Snapdragon W5+ Gen 1 чипсет, 2GB RAM и батерија од 306 mAh. Моделот може да издржи до 24 часа со едно полнење, дури и кога е овозможен Always On Display. За период од 30 минути полнење, се добива доволно полнење за 12 часа работа.
Часовникот има оптички сензори за следење на отчукувањата на срцето и нивото на кислород во крвта, со подобрена прецизност. Нивоата на стрес се следат со сензорот за континуирана електродермална активност, а има и отчитување на температурата на кожата и следење на квалитетот на спиењето.
Кога купувате Pixel Watch 2, добивате 6-месечна претплата на услугата Fitbit Premium, која ви дава подетални информации за вашата состојба. Инаку, моделот има 5ATM/IP68 сертификат, а сега и UWB чип, што овозможува следење на уредот и другите производи со оваа функција.
Во итни ситуации, можно е да се сподели локацијата со наведените контакти. Опциите за дополнително приспособување на изгледот се преку различни ремчиња. Pixel Watch 2 чини 399 евра во Германија за Wi-Fi моделот. и 449 евра за LTE верзијата.