Познатиот аналитичар за Apple, Минг-Чи Куо ги поправи своите првични предвидувања за лансирањето на AirTag 2 уредот, наведувајќи дека масовното производство е одложено до 2025 година.
Долгогодишниот познавач на состојбите во врска со компанијата, ова лето најави дека AirTag 2 ќе биде лансиран кон крајот на 2024, но се чини дека тоа нема да биде случај. Во новата прогноза, Куо наведува дека технолошкиот гигант од Купертино ќе започне со масовно производство на новиот тракер за две години.
„Поправка на мојата прогноза. Почетокот на масовното производство на AirTag 2 е одложен за 2025 година“, напиша Куо на социјалната мрежа X.
Тој не сакаше да открие повеќе детали, но претходно изјави дека новиот AirTag уред ќе има подобра интеграција со хедсетот за проширена реалност на Apple, Vision Pro, како дел од новиот екосистем за просторно пресметување.
Покрај тоа, се шпекулира дека AirTag 2 ќе има нов U2 чип, подобра батерија и ќе биде поиздржлив од својот претходник.