Иако минатата недела се појавија информации дека јужнокорејската компанија наводно подготвува подостапен преклопен телефон за следната година, Samsung ги негира шпекулациите
Паметен телефон со флексибилен екран по цена од околу 650 евра кој би се појавил следната година звучи навистина убаво, но сепак нереално, барем кога станува збор за јужнокорејската компанија Samsung. Иако на интернет веќе некое време кружат инсајдерски информации дека токму оваа компанија подготвува ваков уред за следната година, Samsung ги демантира гласините за тоа.
„Не планираме да произведуваме смартфони на преклоп со цени од средна класа, а најновите гласини се неосновани“, тврди компанијата, како што пренесува азискиот портал KoreaJoongAngDaily.
Телефоните на преклоп на оваа компанија, од сериите Z Fold и Z Flip припаѓаат на премиум класата на уреди, веднаш под флегшип сериите на телефони Galaxy S23. Нивните цени во Македонија се движат од 75.000 до 114.000 денари, и дефинитивно се во премиум класата на уреди.
Ова значи дека засега Motorola со својата серија на преклопни уреди Razr 40 моментно е осамена во експериментирањето во опсегот на цени од средната класа за овој тип на телефони. Razr 40 првично беше лансиран во САД по цена од 700 долари, а во меѓувреме компанијата ги намали цените, па сега таму чини 500 долари.
Сепак, сè уште има трошка надеж бидејќи е можно јужнокорејскиот гигант да лансира само FE верзија на еден од своите преклопни смартфони во одреден момент. Од компанијата велат дека сè уште ништо не е решено по ова прашање, што значи дека опцијата останува отворена.