Кинеската компанија BYD успеа на прикладен начин да ја заврши 2023 година – во последните три месеци од годината успеа да продаде повеќе електрични автомобили од Tesla. Во овој период, BYD оствари продажба на 526.000 автомобили на батерии и на тој начин за прв пат успеа да ја престигне компанијата на Елон Маск. Сепак, Tesla има предност во продажбата за цела 2023 година.
Во последниот квартал од 2023 година, BYD испорача рекордни 484.500 електрични автомобили, со што вкупните испораки за годината достигнаа 1,8 милиони. Остварувањето на крајот на годината беше подобро од очекуваното на аналитичарите, а зголемувањето на годишно ниво изнесуваше 20%. Во јануари, Маск рече дека Tesla има потенцијал да испорача два милиони автомобили, но тоа не се оствари.
За цела 2023 година, BYD продаде повеќе од три милиони возила напојувани од нови извори на енергија, кои вклучуваат хибриди и возила само со батерии. Вкупната продажба на автомобили на батерии е речиси 1,6 милиони. Инаку, BYD е основана во Шенжен во 1995 година и на почетокот се занимавала со производство на батерии за различни електронски уреди.
Во 2003 година, BYD ја купи државната компанија Qinchuan Automobile Company, влегувајќи во автомобилската индустрија. На почетокот на минатата година BYD го прекина производството на класични автомобили со мотори со внатрешно согорување за да се фокусира на електрични модели.
Според аналитичарите, основата на успехот на компанијата е нејзината способност да произведува батерии, кои се меѓу најскапите компоненти во електричните автомобили. Ова му заштедува многу пари на BYD, а исто така му овозможува динамично да ги менува цените на автомобилите за да ја зголеми продажбата – на пример, само во декември беше забележано зголемување од 70 проценти.