Microsoft лансираше нова услуга базирана на алатките за генеративна вештачка интелигенција, која на претплатниците ќе им обезбеди напредно и побрзо Copilot работење во многу од нивните апликации
Откако минатата година стана достапен за пошироката јавност, Copilot системот на Microsoft генерираше повеќе од пет милијарди илустрации и спроведе повеќе од пет милијарди „разговори“ со корисниците. Microsoft вели дека сето ова време собирале повратни информации за употребата на системот за генеративна вештачка интелигенција и врз основа на тоа ги идентификувале најважните потреби на корисниците – од креативци, истражувачи, програмери, до „обични“ корисници на кои би им требале можностите на Copilot во рамките на канцелариски пакет апликации.
За сите нив сега подготвија нова понуда. Претплатата на Copilot Pro, која „ќе го подобри и забрза искуството на соработка со вештачката интелигенција на секој чекор“ е објавена за јавна дистрибуција. Тоа е премиум услуга, која се надоврзува на постоечките претплати на Microsoft 365 и на бесплатниот Copilot во Windows, и донесува нови функции и можности, како и побрза и посигурна работа. Претплатата ќе биде достапна и за приватните и за деловните корисници на апликациите на Microsoft, на десктоп и во рамките на мобилната апликација.
Унапредено искуство
Сите оние кои ќе одлучат да ја платат новата месечна претплата во износ од 20 долари ќе имаат на располагање бројни опции. Copilot Pro ќе може да пишува, програмира, дизајнира, креира презентации за нив и да им помага да ја подобрат продуктивноста и креативноста. Така, претплатниците ќе можат да го додадат Copilot на своето работно искуство во Word, Excel (сè уште во преглед), PowerPoint, Outlook и OneNote, без разлика дали користат Windows, Mac или iPad. Се разбира, претплатата на Copilot Pro е надградена на постоечките претплати за добро познатите канцелариски пакети M365 Personal или Family.
Copilot Pro на секој чекор ќе го користи и најновиот јазичен модел на OpenAI – GPT-4 Turbo, кој ќе обезбеди побрзи одговори. Ќе се забрза и пристапот до AI илустраторот за создавање слики во пакетот Designer. Претплатниците исто така ќе имаат можност да креираат свои сопствени аплети, GPT, неодамна претставени од OpenAI.
За деловните корисници
Во случај на компаниите, кои се заеднички претплатени на пакетот Microsoft 365, достапноста на Copilot пакетот е проширена. Тој од ноември беше достапен само за големите претплатници, но отсега ограничувањето на бројот на корисници е укинато. На тој начин, отсега и малите и средни бизниси можат да се претплатат на Copilot за Microsoft 365. Цената за нив е 30 долари месечно по корисник, а можно е да се вклучат меѓу еден и 299 корисници (затоа, границата од минимум 300 членови на организацијата е укината).
Во бизнис пакетот се добива и можност за управување со вештачка интелигенција на електронска пошта, состаноци, документи и други специјализирани содржини. Таму Copilot е интегриран и во алатката за работа од далечина, Teams, а овозможен е пристап до сите документи кои се разменуваат во рамките на организацијата, со цел подобро да се интегрира во неа. Секако, зголемената цена на претплатата ја вклучува и заштитата на податоците споделени со моделите со вештачка интелигенција, со цел моделите да не се обучуваат на чувствителните податоци на компанијата.
Постапна достапност
Од Microsoft напоменуваат дека Copilot Pro моментно не е достапен на сите пазари и на сите јазици, но најавуваат негово постепено глобално проширување. Дотогаш, основната верзија на Copilot е достапна бесплатно за секого, и на веб и во рамките на мобилните апликации.