Милијардерот Елон Маск вели дека неговата компанија Neuralink за прв пат успешно вградила еден од своите безжични чипови во човечки мозок.
„Првичните резултати покажуваат ветувачки нервни импулси и пациентот добро закрепнува“, објави Маск.
Целта на компанијата е да го поврзе човечкиот мозок со компјутери и да помогне во решавањето на сложените невролошки состојби. Голем број конкурентски компании веќе имаат инсталирано слични уреди. BBC News се обрати до Nauralink и американскиот медицински регулатор, Управата за храна и лекови (FDA), за коментар.
Во мај, компанијата на Маск доби дозвола од FDA да го тестира чипот на луѓе, што претставува пресвртница. Ова даде зелено светло за почеток на шестгодишно истражување. Пациентите кои ќе учествуваат во студијата ќе имаат хируршки чип поставен во делот од мозокот кој ја контролира намерата за движење. Чипот, кој ќе го инсталира роботот, потоа ќе снима и испраќа мозочни сигнали до апликацијата, со првична цел „да им овозможи на луѓето да го контролираат курсорот на компјутерот или тастатурата користејќи ги само своите мисли“, според Neuralink.
The first human received an implant from @Neuralink yesterday and is recovering well.
Initial results show promising neuron spike detection.
— Elon Musk (@elonmusk) January 29, 2024
The first @Neuralink product is called Telepathy
— Elon Musk (@elonmusk) January 29, 2024
Маск на X објави дека првиот производ на Neuralink ќе се вика Telepathy. Тоа треба да овозможи да се контролира нечиј мобилен телефон или компјутер – со размислување.
„Првите корисници ќе бидат оние кои ја изгубиле способноста да ги користат своите екстремитети. Замислете Стивен Хокинг да може да комуницира побрзо од брза дактилографка. Тоа е целта“, додаде Маск.
Напредокот би требало да биде експоненцијален
Neuralink, со седишта во областа на Заливот Сан Франциско и Остин, Тексас, спроведува тестови на животни во последниве години додека истовремено бара одобрение од Управата за храна и лекови на САД (FDA) за да започне клинички испитувања на луѓе.
„Сакаме да бидеме исклучително внимателни и да се погрижиме да работи добро пред да го ставиме уредот во човек“, рече Маск претходно.
Говорејќи пред толпата одбрани гости на презентацијата во седиштето на Neuralink во 2022 година, која траеше речиси три часа, Маск ја нагласи брзината со која компанијата го развива својот уред.
„На почетокот, напредокот, особено што се однесува до луѓето, може да изгледа ужасно бавен, но ние правиме се за целосно да го развиеме паралелно“, додаде тој. „Значи, теоретски, напредокот треба да биде експоненцијален.“
Првите две човечки апликации на уредот Neuralink кон кои се насочени ќе бидат враќање на видот и овозможување на движење на мускулите кај луѓе кои не можат да го направат тоа, рече Маск.
„Дури и ако некој никогаш не гледал, ако е роден слеп, веруваме дека сепак можеме да го вратиме видот“, рече тој.
Првата јавна презентација на Neuralink вклучуваше мајмун со мозочен чип кој играше компјутерска игра.
Маск, кој исто така го води производителот на електрични возила Tesla, ракетната компанија SpaceX и платформата за социјалните медиуми X, е познат по цели како колонизација на Марс и спас на човештвото.
Неговите амбиции за Neuralink, кој го лансираше во 2016 година, се исто толку големи. Тој развива чип составен од илјадници електроди кои ќе му овозможат на мозокот да контролира сложени електронски уреди и на крајот да им овозможи на парализираните луѓе да ги вратат моторните функции и да лекуваат болести како Паркинсоновата, деменција и Алцхајмерова болест. Зборува и за зајакнување на мозокот со помош на вештачка интелигенција.