Гласањето од јавноста за најдобрите во македонската е-трговија за 2023 година, кое се прави бесплатно на официјалната веб страница на овогодинешните награди за е-трговија – ecommerceawards.mk, ќе трае до 10 февруари (сабота) до крајот на денот.
По завршување на гласањето од јавноста, ќе следува гласање од жири комисија составена од ескперти во различни области поврзани со е-трговијата. На официјалната веб страница веќе се објавени членовите од жири комисијата кои ќе ги оценуваат е-трговците со најмногу собрани поени од јавноста на претстојните Награди за е-трговија – E-commerce Awards 2023.
Жири комисијатата, која оваа година се состои од 12 членови, ќе гласа индивидуално за финалистите со најмногу гласови од сите 24 категории, освен за категоријата „Најпопуларна е-продавница” за која наградата ќе се додели единствено врз основа на бројот на гласовите од јавноста. За сите останати категории, одредувањето на победници ќе биде направено врз основа на однапред утврдена методологија за пресметка утврдена во Правилникот на наградите, земајќи ги предвид гласовите од јавноста и од жири комисијата, при што поените од публиката (јавноста) ќе бидат вреднувани со 40%, додека поените од жири комисијата со 60%. Секој финалист ќе добие вкупен број на гласови кои ќе го одредат неговото рангирање во соодветната категорија во која што е номиниран.
Инаку, на гласањето од јавноста кое е отворено до сабота, 10.02. до 23:59 часот, досега имаат гласано над 6500 граѓани, а се очекува овој број значително да порасне до крајниот рок. Едно лице може да гласа само еднаш и при тоа, гласа во категории по сопствен избор и може да даде еден глас во секоја категорија. Две категории се задолжителни за гласање: „Е-трговец на годината“ и „Најпопуларна е-продавница“, додека сите други категории се опционални.
Прогласувањето на најдобрите македонски е-трговци за 2023 година и доделувањето на наградите ќе се одржи на свечена манифестација на 14-ти март 2024 година.
Овогодинешниот избор за најдобрите е-трговци за 2023 година се реализира со поддршка на златните партнери – НЛБ Банка и Иуте, организацискиот партнер – Халк Банка и генералниот партнер – Мастеркард.