Македонски Телеком ja затвори 2023 година со извонредни резултати, испорачувајќи конзистентен раст во текот на целата година. Ова е резултат на успешното работење, фокусот на модернизација и ширење на мрежата и пионерството во воведувањето нови технологии со цел најдобро корисничко искуство.
Оперативната добивка пред камати, оданочување и амортизација (EBITDA) е зголемена за 10,4 проценти споредено со минатата година, а нето добивката е во пораст од дури 38,7 проценти. Приходите од продажбата се зголемени за 1,2 проценти и кај нив се бележи раст на приходите од основниот бизнис од 4,3 проценти во мобилниот сегмент и 3,5 проценти во фиксниот сегмент.
„Останавме доследни на целта да овозможиме супериорна услуга и корисничко искуство градејќи ја најдобрата мрежа. Ја завршуваме 2023 година со извонреден раст на којшто посветено и тимски работевме во текот на целата година. Продолжуваме со силен фокус на развојот на мрежата и воведување на најновите технологии, што ќе овозможи целосна поврзаност и еднакво учество во дигиталниот свет. Остануваме посветени да обезбедиме врвно корисничко искуство и одржлива иднина за сите. “ – истакна Никола Љушев, Главен извршен директор на Македонски Телеком.
Фокус на најдобрата мрежа
Доследни на нашата определба да ги поврземе сите, интензивно ја ширевме оптичката и 5G инфраструктура, секаде, на целата територија. На крајот на годината, бројот на оптички пристапи е зголемен за 14,6 проценти во споредба со минатата година и изнесува 314 илјади пристапи. 5G мрежата сега можат да ја користат 82% од населението со гигабитни брзини во повеќето градови во Македонија. Годинава, ја добивме престижната Ookla® награда за најдобра мобилна мрежа за: супериорна брзина на мобилната мрежа, најголемо покривање и најдобар квалитет на мрежата.
Фокус на супериорно корисничко искуство
Во споредба со минатата година, порасна бројот на корисници во сите сегменти, што е резултат на нашата посветеност да обезбедиме супериорно корисничко искуство, но и многу повеќе од комуникациски услуги. Годинава ја воведовме првата дигитална програма за наградување и поволности за корисниците – Magenta Moments, преку која се ангажираме за задоволството на корисниците на сосема ново ниво. Остануваме број 1 во Македонија според TRI*M индексот за мерење на задоволството на корисниците, којшто на крајот на годината бележи уште поголемо зголемување и изнесува 94 поени.
Бројот на корисници на широкопојасен интернет е зголемен за 3,5 проценти и изнесува 210,5 илјади, а вкупниот број на интернет пристапи порасна за 3,2 проценти.
Ја задржавме лидерската позиција на ТВ пазарот со удел од 34 проценти и раст од 1,8 проценти или 150,4 илјади корисници. И во мобилните комуникации се зголеми базата на корисници и достигна 1,281 милиони. Во фиксната телефонија, останавме на водечката позиција со 228 илјади корисници.
Фокус на одговорноста кон општеството и животната средина
И оваа година активно работевме на еднакво дигитално општество и намалување на штетните влијанија врз животната средина. Преку проекти за намалување на дигиталниот јаз и борба против говорот на омраза допревме до речиси 30 илјади корисници. И годинава ја продолживме еко-акцијата за собирање и рециклирање стари уреди и обнова на опожарените региони. Собравме над 16 000 стари уреди и засадивме 10 000 нови дрвца, со што целосно го обновивме опожарениот дел од Источниот регион. Ова е наша долгорочна стратегија и дел од нашата ESG агенда којашто ќе продолжиме да ја следиме и во наредните години.