Конечно се појавија првите рендери од претстојниот Samsung Galaxy Z Fold6, обезбедувајќи прв поглед на дизајнот кој доста наликува на премиум моделот Galaxy S24 Ultra.
По многубројните протекувања на информации, висококвалитетни фотографии од претстојниот Samsung Galaxy Z Fold6 даваат одговори на прашањата што ги интересираат љубителите на технологијата и преклопните телефони. Samsung очигледно посветил внимание на подобрување на ергономскиот дизајн, слушајќи ги барањата на корисниците. Она што не може да не го привлече вниманието е дека претстојниот флексибилен уред е многу сличен на Galaxy S24 Ultra моделот, поточно изгледа како два споени S24 Ultra уреди.
Иако засновани на CAD софтвер, протечените рендери преку порталот SmartPrix имаат за цел да ги пренесат очекувањата и да покажат Galaxy Z Fold6 ја пресликува естетиката од Galaxy S24 Ultra. Може да се забележи целосно рамниот екран од сите страни и тројната камера со блиц, дискретно поставена на задниот панел со мат финиш, што особено се забележува во црната варијанта.
Димензиите на телефонот, барем според фотографиите, се малку намалени, што резултира со похармоничен изглед. Се шпекулира дека Galaxy Z Fold6 е 1,4 милиметри пократок и 2,6 милиметри поширок од неговиот претходник. Во најголем дел, уредот го одржува дизајнот што започна со Galaxy S22 Ultra и Galaxy Note сериите, што веројатно ќе го направи поскап од претходните модели. Едно од клучните подобрувања треба да се фокусира и на UTG, односно ултра-тенкото стакло.
Рендерите дополнително откриваат дека дебелината на отворениот телефон останува иста како претходната генерација, 6,1 милиметар. Ова укажува на фактот дека шарките остануваат во ист стил, што не треба да се гледа како на лош потег. За жал, фотографуиите не го покажуваат слотот за S Pen, но упатените очекуваат Samsung да го приспособи куќиштето за оваа функција.
Екранот на надворешниот екран е доста поширок, а претпоставка е дека ќе биде широк речиси колку панелот на Galaxy S24 Ultra. Упатените тврдат и дека телефонот ќе има поголема осветленост на екранот, а Gorilla Glass Armor треба да обезбеди издржливост на капакот. Дополнително, претходните гласини сугерираа и дека Galaxy Z Fold6 ќе има титаниумска конструкција, давајќи му дополнителна цврстина.
Samsung Galaxy Z Fold6 би требало да се појави на пазарот во јули оваа година, ветувајќи импресивна конфигурација на камерата со 50+12+10 мегапиксели на задната страна, селфи камера од 10 мегапиксели и камера под екранот со резолуција од 4 мегапиксели. Се очекува телефонот да ги понуди стандардните функционалности на Samsung, кои вклучуваат седум години надградба на оперативен систем и безбедносни ажурирања, заедно со Galaxy AI.