Vision Pro се базира на тридимензионален интерфејс контролиран од очите, рацете и гласот, а Apple го нарекува просторен компјутер кој беспрекорно ги спојува дигиталните содржини со физичкиот простор.
НИКОЛА БУРАГЕВ
Благодарение на нашите пријатели од компанијата Augment IT, конечно ни дојде во раце, или подобро речено ни слета на глава Apple Vision Pro, кој компанијата го нарекува прв Spatial компјутер во светот. Apple ги избегнува зборовите AR и VR и наместо тоа го позиционира како компјутер кој беспрекорно ги спојува дигиталните содржини со физичкиот простор. Vision Pro се базира на тридимензионален интерфејс контролиран од очите, рацете и гласот, а апликациите се прикажуваат како нов слој во реалниот простор. Целта е Vision Pro да биде повеќенаменски компјутер како Mac и iPad во екосистемот на уреди на Apple и да ви овозможи да работите и да се забавувате.
Од моментот на првото ставање на глава, Apple Vision Pro ги натера моите очи да работат понапорно од кога било досега. Ова не само поради фактот што пред пред очите се најдоа неверојатно светли micro OLED екрани со 4К резолуција, туку и поради начинот на интеракција со оперативниот системvisionOS, софтверската платформа на која се заснова работата на Vision Pro. Навигацијата на корисничкиот интерфејс се базира на следење на очите во visionOS, односно за да стартувате апликација, да посетите линк или да направите нешто што обично бара глувче или екран на допир, треба да погледнете во објектот и да го означите со очите, по што со притискање на палецот и показалецот кликнувате на него (штипнување во воздух).
Vision Pro работи на осмојадрен M2 процесор со четири јадра за перорманси и 4 ефикасни јадра, додека за графиката е задолжен 10-јадрен GPU. M2 чипсетот го сочинуваат и 16-јадрен Neural Engine и 10 GB RAM меморија. Присутен е и R1 процесор, кој посебно е посветен на обработка на податоците од камерите, сензорите и микрофоните, пренесувајќи снимки на екраните за 12 микисекунди, со што овозможува поглед на вистинскиот свет во реално време и тоа речиси без доцнење.
Како корисник што секојдневно ги користи iOS и macOS и кој претходно има само минимално искуство со AR/VR платформи, искуството беше едноставно и флуидно. Калибрацијата на очите беше едноставна, а повеќето гестови беа прилично природни и доста лесни за учење. Ми беше потребно малку време да се навикнам на навигацијата со следење на очите и допир во воздух, а ова е најмногу затоа што апликациите сè уште изгледаат главно како апликации дизајнирани за екрани. Тоа значи дека повремено добивав желба да посегнам напред со рацете и на тој начин да имам интеракција со интерфејсот пред моите очи.
И ова е навистина магично, речиси телепатско. Но, потпирајќи се исклучиво на очите и погледот, користењето на Vision Pro може брзо да стане исцрпувачко, кога ќе наидете на проблеми, како обидот да притиснете мало копче на визуелно преполнетата веб-страница на YouTube. Напорот на очите е реален. Ова е накратко искуството со Vision Pro. Чудо и фрустрација. Можев да ѕирнам во иднината што е ограничена со хардверот што постои денес – дури и ако тој хардвер е меѓу најдобрите некогаш сме ги виделе.
Дизајнот на уредот е вистинско ремек дело и се чини дека хардверските тимови на Apple го достигнале врвот на дизајнерската естетика. Дизајнот е крајно елегантен и премиум чувството наконструкцијата од алуминиумска легура и стакло јасно го издвојува производот од пластичните конкуренти, како што е на пример Meta Quest.
Сепак, не можат да се заобиколат некои фундаментални проблeми со хардверот на Vision Pro. Прв е фактот дека користи екстерна батерија поврзана преку кабелот за напојување. Самата батерија е отприлика со ширина и висина на iPhone 15/15 Pro, но подебела. А батеријата е тешка, околу 325 грама, во споредба со 187 гр за iPhone 15 Pro и 221 гр. за 15 Pro Max. Според дебелината и тежината е поблизок до два iPhone 15 уреда, отколку до еден. А кабелот може да биде пречка. Vison Pro нема вградена резервна батерија – ако се откачи кабелот за напојување од хедсетот, тој веднаш се исклучува.
Второ, факт е дека Vision Pro е тежок (меѓу 600 и 650 грама), а тежината е целосно префрлена на предниот дел. Го користев повеќе од еден час без голема непријатност, но се појави умор, само од тежината. Едноставно, никогаш не може да заборавите дека го носите на глава. Се работи за голем пар тешки очила на лицето. Во тоа нема ништо суптилно – било од ваша перспектива кога ги носите, или од перспектива на трето лице кога некој друг ве гледа додека ги носите.
Во однос на пропустливиот поглед што го нуди уредот, имам измешани импресии. Секако, не можев да гледам низ самите екрани, но благодарение на камерите од предната страна, можев да го гледам опкружувањето и тоа прилично реално, со речиси незабележително доцнење. Иако pass-through видеото е многу поквалитетно и обезбедува поголема резолуција од pass-through што го нудат Meta Quest 3 и останатите конкуренти, сепак се забележуваат пикселите и дава малку потемна и заматена интерпретација на вистинскиот свет. Камерите се добри, но не можат ни да се доближат до динамичкиот опсег на вашиот вистински вид. Забележав дека понекогаш има и рабови во боја на периферијата на видот, во зависност од осветлувањето. При движење на главата, се руши илузијата за вистински passthrough и можев да заклучам дека гледам во дисплеи што го прикажуваат светот преку снимките од камерите. Самото шетање наоколу е доволно движење за да се разбие илузијата за природен passthrough на реалниот свет. Сепак, не забележав голема латенција и не го забележав ефектот како да гледам низ двоглед. Видеото немаше никакви изобличувања и обезбедува поголема резолуција од passthrough видеото што го нудат Meta Quest 3 и останатите конкуренти.
И покрај импресивната видеобработка, камерите и екраните имаат ограничувања. На пример, видливо е заматување на движењето и пад на острината при слабо светло. Покрај тоа, видното поле е баш големо. Очите и рацете не управуваат директно со Vision Pro, туку нив ги следат камери и ги претвараат во влезен инпут, а понекогаш ни интеракцијата не е совршена. Најдобра пример за тоа е виртуелната тастатура и освен за внесување некоја лозинка или неколку збора, ќе посакате да користите диткирање или да поврзете Bluetooth тастатура. Исто така, не е сигурно дека Vision Pro секогаш може да ги види вашите раце. Но, како и во случајот со екраните, мислам дека ова е најдобар систем на следење на рацете и очите, кој некогаш некој го понудил на пазарот.
Најдоброто го зачував за крај. Vision Pro е едноставно феноменален начин за гледање филмови, а 3D извонредните искуства се зачудувачки. Со Vision Pro можете да искусите фантастични 3D искуства кои се попривлечни дури од атракциите на Disney World кои луѓето чекаат во ред со часови да ги видат. Може да се гледаат филмови и видеа на екран кој може да биде голем колку што вие сакате (над 100 инчи), но најимпресиониран бев од бесплатните имерсивните 3Д видеа сместени во Apple TV продавницата. Буквално се стресов кога пред мене се појави Алиша Кис, која ми пееше гледајќи ме директно во очи, а буквално се почувствував како да сум во истата просторија со неа и нејзиниот бенд. Истото важи и за видеото во кое буквално лебдев над една провалија, а пред мои очи една девојка одеше по жица. Реалните искуства ќе ги заокружам со средбата со диносаурус, кој влезе низ ѕидот на собата во која седев. Тргна накај мене и ми замрзнаа крвта во жилите од виртуелното искуство што го доживувам, кое се чини како да е вистинско. Навистина не очекував дека искуството е толку имерзивно.
Судејќи според искуството од неколкучасовното користење на Vision Pro, и покрај врвната технологија и многубројните сензори и камери спакувани во уредот, можам со сигурност да тврдам дека има уште долг пат пред идејата ваков „просторен компјутер“ да ја преземе улогата на традиционалните компјутери, таблет уреди и паметни телефони. Ова е само првата и секако „најлоша“ генерација на Vision Pro, а секоја од следните верзии на овој уред ќе претставува чекор поблиску до замена на конвенционалните компјутерски искуства.
….
Augment IT е реномирана швајцарска софтверска компанија со канцеларии во Швајцарија и Македонија, специјализирана за прилагодени решенија за виртуелна, проширена и мешана реалност. Компанијата уште од 2016 година развива иновативни XR апликации за индустриски, фармаколошки/животни науки и транспортниот/железнички сектор. Од клиентите на Augment IT, за издвојување се ÖBB, Hilti, Arxada, швајцарскиот центар за параплегија, швајцарските вооружени сили, градот Цирих и Киспи.
Услугите на компанијата се движат од развој на индивидуални апликации за мешана реалност до консултантски услуги за претпријатија за користење на паметни очила. Покрај тоа, компанијата нуди и сопствен производ, Inspect AR, со цел да го направи знаењето лесно достапно и да ја зголеми ефикасноста на своите вработени. Репшенијата на Augment IT се дизајнирани за уреди како што се паметните телефони, таблет уреди и паметни очила, вклучувајќи ги HoloLens 2, Magic Leap, Meta и Apple Vision Pro.
Повеќе за AUGMENT IT на https://augment-it.com/en/