Среде избраздената површина на Марс се криела голема тајна. Научниците пронајдоа докази за огромен, древен вулкан и, веројатно, закопан глечерски слој под регионот Noctis Labyrinthus (Лавиринт на ноќта). Кога експертите на SETI ја скенираа областа за знаци на можни глечери, тие неочекувано забележаа голем вулкан. Не сме го виделе порано бидејќи многу еродирал со текот на времето.
Врвот на вулканот е висок повеќе од 9.000 метри, а неговата база се протега на 250 километри. Ова значи дека вулканот Ноктис Монс е седмата највисока карактеристика на Марс. За споредба, висината на највисокиот неактивен вулкан на Земјата е 6.893 метри, пишува Science Alert.
Голема површина исполнета со псевдократери
Постојат неколку фактори кои укажуваат на вулканската природа на оваа „планина“. Во близина на нејзиниот центар, научниците ги идентификуваа остатоците од калдера – урнат кратер кој некогаш бил исполнет со лава. Во центарот има и бројни издигнувања кои формираат форма на лак, оцртувајќи ја конусната форма на вулканот.
Неговата големина и сложеноста на околниот терен укажуваат на тоа дека Ноктис Монс бил активен многу долго време. На дното на едната страна од вулканот, експертите пронајдоа голема површина исполнета со могили или псевдократи.
Псевдократерите личат на вистински вулкански кратер, но немаат отвор од кој тече лава, односно немаат канал на магма. Се смета дека тие се формирале кога слој од лава прекрил површина богата со вода или мраз; што се совпаѓа со наодите за глацијални наоѓалишта.
„Ова е совршено место да бараме знаци на живот“
Ноктис Монс го доби својот сегашен изглед по еони на топлинска ерозија, глацијална ерозија и колапс. Сепак, останува под знак прашалник што се случува под површината. Според една неодамнешна студија, Марс е геолошки многу поактивен отколку што мислевме. Можно е Ноктис Монс да е сè уште активен, но во состојба на мирување, што значи дека може да има загреан регион под површината.
Топлината и водата од останатиот дел од глечерот се предуслови за потеклото на животот каков што го знаеме.
„Вулканот Ноктис Монс е исклучително интересен поради сите овие фактори. Тоа е древен, долговечен вулкан кој еродирал толку многу што би можеле да одите или да возите по него, а со тоа да собирате примероци“, изјави планетарниот научник Паскал Ли од институтот SETI. .
„Може да има и долга историја на интеракција на топлина, вода и мраз, што го прави совршено место за астробиологија или за потрага по знаци на живот“, додаде тој.