Следниот месец пристигнува ново ажурирање на Galaxy S24 Ultra, кое дополнително треба да ги подобри перформансите на камерата. Очигледно ќе се подобри балансот на белата боја, како и квалитетот на телефото сликата.
Samsung во февруари објави ажурирање што дополнително треба да ги подобри перформансите на камерата на целата Galaxy S24 серија телефони, а истото ќе го направи повторно следниот месец за Galaxy S24 Ultra, пренесува GSM Arena.
Имено, според информациите до кои дојде IceUniverse од наводно сигурни извори, ажурирањето ќе вклучува и подобрување на балансот на белата боја и подобар квалитет на телефото сликата. Со оглед на тоа што телефото камерите се едни од главните адути на новиот Ultra, дополнителното подобрување во нивните перформанси секако ќе биде добредојдено од корисниците.
Ажурирањето треба да стигне на европскиот пазар во втората половина на април. Дотогаш, домашните корисници можат да го очекуваат ажурирањето од март, кое ќе вклучува мобилен режим за малолетници и неколку ставки за дополнително оптимизирање на интерфејсот.