Според најновите информации, Apple дури во мај ќе ги претстави новите модели на своите таблет компјутери – iPad Air и iPad Pro.
Apple ќе претстави нови iPad Pro и iPad Air модели на почетокот на мај, известува познатиот аналитичар и новинар на Bloomberg, Марк Гурман. Toj претходно во неколку наврати сугерираше дека новите iPad уреди ќе бидат објавени кон крајот на март, или почетокот на април, но тајмингот на претставувањето повторно е поместено.
Новиот iPad Pro ќе има OLED екран, додека iPad Air за прв пат во историјата ќе пристигне и во поголема верзија, со екран од 12,9 инчи.
Помина дури година и половина откако претходните iPad Pro модели се појавија на пазарот, што значи дека ова е најдолгиот период во историјата на таблет уредите на Apple без да биде лансиран нов модел. Сепак, чекањето дефинитивно ќе се исплати, бидејќи OLED екраните ќе овозможат таблетите да бидат исклучително тенки.
Производството е зголемено пред лансирањето на уредот, а компанијата се надева дека новите модели ќе ја зголемат продажбата на таблет компјутери, која опадна во двете претходни фискални години. Имаше и дополнителен пад од 25 проценти во текот на изминатата празнична сезона, откако претходно iPad уредите беа многу популарни подароци во минатото.
Новите модели на iPad Pro ќе работат на М3 процесор, а се очекува да бидат претставени и редизајнирани верзии на Magic Keyboard и Apple Pencil. Новата верзија на пенкалцето може да добие и поддршка за Vision Pro. iPad Air серијата исто така ќе добие нов процесор (М2 наспроти досегашниот М1) и модел со големина на екранот од 12,9 инчи, што ќе им овозможи на клиентите да купат поголем iPad без да издвојат повеќе пари за Pro моделот.
Првичниот план беше Apple да ги претстави таблет уредите до крајот на март, но беа одложени поради имплементација на нивниот софтвер. OLED екраните исто така би можеле да бидат една од причините, бидејќи дисплеите бараат сложени нови техники на производство.