Човечкото влијание врз животната средина се протега и на пренос на вируси, при што луѓето пренесуваат двојно повеќе вируси на животните отколку обратно.
Комплексниот танц на патогените меѓу животните и луѓето не е еднонасочна улица, открива нова студија. Со анализа на милиони вирусни геноми, научниците откриле дека луѓето се извор на двојно повеќе вируси кај животните отколку обратно.
Од речиси 12 милиони испитувани геноми на вируси, откриени се 3.000 случаи на вирусно префрлање помеѓу видовите. Изненадувачки, 79 отсто од овие случаи вклучувале вируси кои се преселиле од еден животински вид на друг, додека 21 отсто вклучувале луѓе. Меѓу нив, 64 отсто биле преноси од човек на животно, состојба позната како антропоноза, а 36 отсто биле преноси од животно на човек или зоонози.
Различни животни, вклучувајќи миленичиња, домашни животни, птици, примати и диви суштества, се погодени од антропоноза. Конкретно, дивите животни биле многу почувствителни на преносот на вирусот од луѓето.
Седрик Тан, водечки автор на студијата и докторанд по компјутерска биологија на Институтот за генетика при Универзитетскиот колеџ во Лондон, го истакнал значителното влијание што луѓето го имаат врз животната средина и нејзините жители. Студијата го разгледала преносот на вируси меѓу сите групи ‘рбетници, нагласувајќи го потенцијалот – вирусите да се движат меѓу видовите преку близок контакт и заеднички средини. Студијата била објавена во списанието Nature Ecology & Evolution.
Вирусите можат да скокаат помеѓу различни видови преку истите начини на пренос што се однесуваат на луѓето, вклучувајќи директен контакт со заразени течности или каснувања од други видови, објаснува Тан.
Франсоа Балу, коавтор на студијата и директор на Институтот за генетика на UCL, ја нагласи историската и постојана закана од зоонозоми, кои предизвикуваат пандемии низ историјата. „Огромното мнозинство на патогени кои циркулираат кај луѓето, во одреден момент биле добиени од животните“, вели тој.