Калифорниската компанија Vast има силна врска со SpaceX, а сега потврди дека неговата Haven-1 ќе биде првата оперативна приватна вселенска станица, која ќе биде лансирана во вселената со помош на ракетата Falcon 9 во текот на 2025 година.
Vast соопшти дека Haven-1 ќе стане првата вселенска станица опремена со ласерски терминал на Starlink, што на екипажот на станицата ќе му овозможи брз интернет додека лета околу нашата планета со голема брзина.
Новиот договор дополнително ја засилува врската меѓу Vast и SpaceX, со оглед на тоа што компанијата во својот тим веќе има неколку поранешни вработени во SpaceX, а меѓу нив е и техничкиот директор Алекс Хадсон, кој до неодамна беше потпретседател за авионика во компанијата на Елон Маск.
Директорот на Vasta, Макс Хаут зборуваше за тоа што донесува Starlink на вселенската станица Haven-1.
„Ако ви е потребен брз интернет со ниска латенција и постојана конекција на вселенската станица во орбитата во 2025 година, Starlink на SpaceX е единствената опција. Очекуваме нивната мрежа и водечката позиција во технологијата да продолжат да се забрзуваат со тек на време, па поради тоа сме воодушевени што имаме шанса да се здружиме со SpaceX во нивната прва ласерска конекција на вселенска станица“, изјави Хаут.
Интернационалната вселенска станица моментно користи интернет со брзина од околу 600 Mbp/s, што Haven-1 лесно ќе го надмине. Starlink интернетот на SpaceX овозможи луѓе на Земјата да живеат целосно независно од целиот копнен интернет, а поврза и луѓе во региони погодени од војни, како што е Украина.