И покрај тоа што се наоѓа на црната листа на американската влада, Huawei претстави преносен компјутер со вештачка интелигенција од високата класа, наречен Matebook X Pro, кој ќе го покренува Intel Core Ultra процесор
Иако Huawei не може да ги добие најновите AMD и Intel процесори без одобрение од американските власти поради фактот што е на американската „црна листа“, компанијата најде начин и го најави својот флегшип лаптоп Matebook X Pro (2024), со новиот Intel Core со Ultra чипсет, пренесува Nikkei. Новиот Matebook X Pro наводно ќе биде достапен во 16GB или 32GB RAM и 1TB или 2TB NVMe PCIe опции за складирање, со тоа што деталите како што се типот на меморија, брзината и SSD интерфејсот сè уште не се познати.
Matebook X Pro ќе има 14,2-инчен OLED екран на допир со сооднос од 3:2 и резолуција од 3120 x 2080 пиксели, пишува Huawei Central. Според овие информации, лаптопот има максимална осветленост од 1000 нита во HDR режим и стапка на освежување на екранот од 120 Hz, а поддржува Adobe RGB, P3 и sRGB опсег на бои. Порталот посочува и дека лаптопот може да се базира на Core Ultra 7 155H процесор или Core Ultra 9 185H со интегрирана графика програмирана да поддржува TDP до 40 W.
Една од истакнатите карактеристики на Matebook X Pro е неговиот лесен дизајн. Благодарение на шасијата од легура на магнезиум, тежи само 980 грама, што го прави полесен од MacBook Air на Apple. Со оглед на тоа што користи Intel Core Ultra процесор со активно ладење што може да работи до 40W, Huawei сугерира дека неговиот уред може да му се спротивстави, па дури и да го надмине 14-инчниот MacBook Pro. Кога станува збор за поврзувањето, Matebook X Pro е опремен со Bluetooth 5.3 адаптер, еден USB-C порт и има два Thunderbolt 4 приклучока. Поседува и батерија од 70 Wh, шест звучници, четири микрофони и веб камера од 1080p.
Покрај тоа, Matebook X Pro (2024) може да користи модели со вештачка интелигенција од други компании, како што се Erniebot на Baidu и Spark на iFlytek. Сè уште не е јасно дали Matebook X Pro може да ги искористи предностите Intel Core Ultra можностите за AI забрзување или дали се потпира на облакот.
Huawei Matebook X Pro треба да се појави на кинескиот пазар на 18 април, со цена од 2.027 долари за верзијата со Intel Core Ultra 9 процесор поврзан со 32 GB меморија и 2 TB простор за складирање. Исто така, не е јасно дали се планира меѓународна верзија на Matebook X Pro и ако е така, кога ќе се појави на пазарот.