Овој месец ќе биде лансирана експериментална мисија на NASA за истражување на соларно едро, која има за цел испитување на новата технологија за изработка на лесни и цврсти вселенски јарболи.
Идејата за соларни едра последните години полека се претвора од теорија во пракса, а освен независните организации како The Planetary Society, со неа се занимава и NASA. Поради тоа, во текот на април со ракетата Electron на компанијата Rocket Lab од Нов Зеланд ќе биде лансирано нивното соларно едро Advanced Composite Solar Sail System.
Експериментот се состои од напреден систем на јарболи, направени од композитни материјали како флексибилни полимери и карбонски влакна. Цевките изработени од таков материјал се поцврсти и полесни од досегашните споредливи конструкции за соларни едра, лесно се склопуваат и расклопуваат, па мисијата на NASA има за цел да се обиде да испита како функционираат во реални услови.
Целото соларно јадро ќе биде лансирано во облик на 12 единици CubeSat сателити со синхронизирана орбита со Сонцето, на височина од околу 1.000 км од Земјата, па таму ќе почне да се расклопува од оваа компактна состојба. Јарболите долги по 7 метри ќе се расклопат и ќе се развијат во рефлективно соларно едро, кое ќеи ма површина од 80 м2 и ќе му требаат околу 25 минути за маневарот за расклопување.
Целиот процес ќе се следи со камери лансирани заедно со експерименталната сонда. Кога ќе биде целосно расклопено, едрото во одредени услови би можело да биде видливо од Земјата со голо око затоа што ќе сјае на небото како најсјајна ѕвезда на ноќното небо.