Роботскиот хеликоптер на NASA, Ingenuity за истражување на Марс, кој американската вселенска агенција во февруари 2021 година го испрати на Црвената планета, ја прати последната порака на Земјата и сега ќе служи како фиксна единица за собирање на податоци од површината на Марс.
Ingenuity тежи само 1,8 килограми и повеќе наликува на дрон. Тоа е летало на соларен погон кое потсетува на кутија со четири нозе и два ротори, а својот прв револуционерен лет го реализираше во април 2021 година, лебдејќи на висина од околу еден метар над површината на Марс цели 39 секунди. NASA тој подвиг го спореди со историскиот лет на браќата Рајт на Земјата во 1903 година.
NASA најпрвин планирала 30-дневна мисија во рамките на која хеликоптерот требало да полета само пет пати, но таа се развила во речиси тригодишен научен потфат со 72 лета со покривање на далечина 14 пати поголема од првобитно планираната. Досега „Ingenuity“ вкупно минал околу 17 километри и летал на висина од 24 метри. На Марс пристигнал во февруари 2021-ва на роверот Perseverance.
„Долго збогум“, напишал тимот на Ingenuity на социјалната мрежа X.
„Тимот на Ingenuity ја прими последната порака од роботскиот хеликоптер кој отсега ќе служи како тест платформа и ќе собира податоци кои би можеле да придонесат за идните истражувачи на Црвената планета“.
Долговечноста на Ingenuity е неверојатна, посебно со оглед на тоа дека морал да „преживее“ ледени ноќи на Марс, загревајќи се со помош на соларни плочи кои му ги полнеле батериите во текот на денот.
Ingenuity се соочил со итно слетување во текот на претпоследниот лет и изгубил контакт со роверот Perseverance за време на своето конечно спуштање на 18 јануари. Иако контакт е воспоставен повторно следниот ден, фотографиите откриле оштетување на една од лопатките на роторот од карбонски влакна, веројатно по удар на површината.
NASA во понеделникот објави дека бара начини на што побрз и поевтин начин на Земјата да ги донесе камењата кои Perseverance ги собрал на Марс.