Grindr, најголемата апликација за спојување во светот за ЛГБТ заедницата, се соочува со тужба во која се тврди дека ги споделувала ХИВ статусите на луѓето без овластување.
Тужбата е поднесена до Високиот суд во Лондон, а во неа се наведува дека била користена „технологија за надзор“ и дека „високо чувствителните информации биле незаконски споделени со огласувачите“.
Повеќе од 650 луѓе го тужеа Grindr, а портпаролот на социјалната мрежа рече дека компанијата ја сфаќа приватноста „исклучително сериозно“ и дека тврдењето „се чини дека се заснова на погрешно карактеризирање на практиките кои датираат од пред повеќе од четири години“.
Апликацијата ја користат 13 милиони луѓе секој месец, а според извештаите во мај 2023 година, околу 920.000 од нив ја користеле во ОК.
Во тужбата се наведува дека компанијата споделила чувствителни податоци со „трети страни“ за комерцијални цели, со што ги прекршува законите за приватност на податоците во Велика Британија.
Тука спаѓаат информации за етничката припадност и сексуалната ориентација на корисникот, а како што се вели во тужбата, практиката траела најмногу пред 3 април 2018 година.
Компаниите за анализа на податоци Apptimize и Localitics беа именувани како местото каде завршиле чувствителните податоци, но не постои вистински начин да се утврди кој и како ги користел сето тоа.
Во 2018 година, се покажа дека Grindr споделил лични податоци, вклучувајќи го и ХИВ статусот на корисниците, со Apptimize и Localitics, кои биле платени за да следат како луѓето ја користеле апликацијата за да може подоцна да се подобри.
Во тоа време, Grindr рече дека сè е во согласност со стандардите на индустријата, но дека во секој случај ќе престанат да ги споделуваат овие податоци. Тие исто така тврдеа дека никогаш не ги продале тие податоци на ниту еден огласувач.