Threads во сопственост на Meta, сега има повеќе од 150 милиони активни месечни корисници.
Ова е зголемување од 20 милиони нови корисници во однос на февруари, потврди првиот човек на Meta, Марк Закерберг при објавувањето на најновите податоци кои се дел од извештајот за заработка за првиот квартал од годината. Тој додаде дека апликацијата продолжува да го следи патот што сите го посакувале.
Ова е показател дека Threads продолжува да расте постојано, иако со побавно темпо во споредба со раните денови на експлозивен раст.
Апликацијата забележа повеќе од 100 милиони преземања во првата недела од постоењето, но подоцна забележа пад на ангажираноста. Но, во изминатите шест месеци, социјалната мрежа забележа постојан раст, а Закерберг верува дека таа би можела да стане следната апликација на Meta со милијарди корисници.
Дополнително, се чини дека Threads ја надминува социјалната мрежа X, порано позната како Twitter, во некои области.
Аналитичарската компанија Apptopia објави дека Threads има повеќе дневни корисници во САД од X. Исто така, Threads неодамна освои уште една важна победа, кога познатата пејачка Тејлор Свифт се приклучи на социјалната мрежа за да го промовира нејзиниот последен албум.
Покрај тоа, Threads моментално е единствен меѓу апликациите на Meta по тоа што не содржи рекламирање, па компанијата не заработува директно од неа. Сепак, тоа веројатно ќе се промени еден ден бидејќи Threads продолжува да го проширува својот дофат. Закерберг претходно рече дека компанијата ќе се „фокусира на монетизација“ само откако апликацијата ќе порасне доволно.