Лери Конор, милијардер од Охајо, планира нова експедиција до легендарниот брод Титаник, кој лежи на дното на Атлантскиот Океан.
Конор има намера да ја врати довербата во безбедноста на ваквите експедиции по минатогодишниот трагичен инцидент во кој загина екипажот на подморницата „Titan“ на OceanGate.
Милијардерот планира нуркање од 3.800 метри до потонатиот брод „Titanic“ со напредна подморница, придружуван од Патрик Лахеј, коосновач на „Triton Submarines“, кој ја изгради подморницата „Triton 4000/2 Abyssal Explorer“. Станува збор за подморница со две лица, која е дизајнирана да извршува повеќе мисии на длабоко море на безбеден и сигурен начин.
Целта на експедицијата е и да покаже колку длабоко може да се изврши истражување без опасност, особено по катастрофалната имплозија на подморницата „Titan“ во јуни минатата година, во која загинаа 5 патници, меѓу кои и извршниот директор на OceanGate, Стоктон Раш.
„Сакам да им покажам на луѓето ширум светот дека иако океанот е исклучително моќен, тој сепак може да биде убав и пријатен и навистина да го промени животот на една личност ако сè е направено на вистински начин. Патрик размислувал и ја дизајнирал подморницата повеќе од декада, ги немавме материјалите и технологијата. Оваа подморница не можеше да биде изградена пред пет години“, изјави Конор за Wall Street Journal.
Како што е познато, „Titan“ беше на пат кон „Titanic“ кога на 18 јуни доживеа катастрофа во која загинаа споменатиот Раш, милијардерот Хамиш Хардинг, Французинот Пол-Анри Наргеоле и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд заедно со неговиот 19-годишен син Сулиман.
Експерти од индустријата и свиркач претходно изразија загриженост за безбедноста на „Titan“, особено поради одлуката на OceanGate да ја заобиколи сертификацијата на познатите безбедносни органи.