Пазарот на преклопни смартфони продолжува да расте многу побрзо од целокупниот пазар на паметни телефони, така што Apple не може уште долго да остане надвор од овој профитабилен сегмент.
Имаше многу гласини за преклопниот iPhone во изминатите неколку години, а сега TrendForce наведува дека Apple нема да го претстави на пазарот пред 2027 година. Причината за ова е што компанијата има „строги барања во однос на преклопувањето, наборот на дисплејот и цврстината на уредот“.
За разлика од Samsung, Apple не сака екранот на флексибилниот iPhone да има никакви набори. Цврстината може да се однесува на сите фактори, но веројатно се работи за тоа механизмот за преклопување да биде функционален долга низа години.
Аналитичарите на TrendForce велат дека Apple сè уште ги „проценува спецификациите и перформансите на компонентите“ за првиот iPhone Fold, што би можело да потрае уште некое време. Ако овој уред навистина пристигне во 2027 година, тогаш вистинскиот развој најверојатно ќе започне најрано следната година, така што снабудвачите на Apple имаат време да ги усогласат сите спецификации.
Во меѓувреме, Huawei стана најпродаваниот бренд на телефони на преклоп во првиот квартал од годината, преземајќи ја титулата од Samsung. Сепак, јужнокорејскиот бренд би можел да се врати на тронот по претставувањето на претстојните Galaxy Z Fold6 и Z Flip6 модели, кои пристигнуваат следниот месец.
Но, има уште еден пресврт. Huawei наводно го подготвува првиот тројно преклопен смартфон за третиот квартал од оваа година, па во периодот меѓу јули и септември може да ја расипе прославата на Samsung.