Microsoft го олеснува испраќањето фајлови дирекно од Windows 11 на уредите со Android благодарение на новата опција во апликацијата Phone Link
Апликацијата Phone Link на Microsoft оваа недела ќе добие унапредување. Во моментов, ажурирањето на Windows 11 кое донесува значителни подобрувања во апликацијата е достапно само за „инсајдерите“, но не треба да помине долго пред сите да добијат пристап.
Според информациите на сајтот 9to5google, интеграцијата на Phone Link на Microsoft во Windows 11 им овозможува на корисниците да споделуваат и испраќаат фајлови директно на нивните уреди со Android. Во прозорецот „Share“ на Windows е додадена нова опција за споделување содржина на „My Phone“, како што е прикажано на сликата подолу.
Според Microsoft, новата функција бара од корисниците најпрвин да ги спарат своите Android уреди со компјутер со Windows користејќи ја апликацијата „Link to Windows“ на Android и Phone Link на PC. Ова е единствениот начин да се овозможи опцијата за споделување содржини од Share прозорецот на Windows на уредот со Android.
Имајте предвид дека иако оваа функција може да биде универзално корисна за споделување содржинi на уред со Android, некои апликации можеби нема да ја поддржуваат оваа функција.
Бидејќи Microsoft ова го интегрира во Windows 11, апсолутно е неопходно компјутерот да работи на оваа верзија на оперативниот систем доколку сакате да ја искористите оваа функција.
Уште еднаш, ова во моментов е достапно само за Windows Insider верзијата на оперативниот систем. Ако сте веќе вклучени во бета програмата, побарајте го Windows 11 Insider Preview Build 22635.3785 (KB50339319), кој треба да ја вклучува оваа функционалност, меѓу другите нови функции и подобрувања.