Претседателот на Мобилната дивизија на Samsung изјави дека очекува продажбата на Z Flip 6 и Z Fold 6 да се зголеми за 10 проценти во споредба со нивните претходници, најмногу благодарение на функциите за вештачка интелигенција наречени Galaxy AI.
Samsung ги претстави своите нови телефони на преклопување, Galaxy Z Fold 6 и Galaxy Z Flip 6 на Galaxy Unpacked настанот оваа недела. Со оглед на тоа што се работи за првите преклопни уреди Samsung што доаѓаат „од кутијата“ со интегрирани функции за вештачка интелигенција, јужнокорејската компанија се надева дека тие ќе бидат попопуларни од претходните модели.
Во изјава за новинарите по презентацијата на новите флексибилни смартфони, претседателот на Samsung Mobile Division, ТМ Рох рече дека очекува продажбата да се зголеми за 10 проценти во однос на претходниците. Тој очекува подобри резултати на пазарот поради новите AI карактеристики, надградените камери, побрзиот чипсет и подобрата автономија.
Инаку, Samsung е лидер на пазарот на мобилни телефони на преклоп уште од самиот почеток, но неодамна беше надминат од Huawei. Дали новите Z Fold 6 и Z Flip 6 ќе му ја вратат круната на Samsung останува да видиме, но Рох вели дека во секој случај е добро за потрошувачите доколку пазарот стане уште поконкурентен.