Оперативниот систем Android веќе има функционалност за споделување во близина која им овозможува на корисниците лесно да си испраќаат фајлови од еден уред на друг. Nearby Share е дизајниран по примерот на програмата која се наоѓа на уредите на Apple наречена AirDrop.
Меѓутоа, проблемот со оваа функционалност е што корисникот мора засебно да ја одобрува секоја наредна размена на фајлови, што може да биде многу голем проблем во ситуации кога се пренесуваат повеќе помали фајлови, како што се фотографии или песни. Но, тука е компанијата Google, којa се чини дека најде решение за овој проблем.
Мишал Рахман, поранешен уредник на порталот XDA-Developers, го откри постоењето на Self Share модот за Nearby Share во рамките на оперативниот систем Android. Тој на социјалната мрежа Twitter објави скриншот со доказ за постоење на оваа опција, како и детално објаснување за неа.
Опцијата Self Share им овозможува на корисниците лесно да споделуваат фајлови помеѓу различни уреди најавени на истата сметка на Google, без да мора да го одобруваат секој од овие трансфери посебно пред да започне преносот на податоци.
Ова е многу мало, но воедно и многу значајно подобрување што значајно го олеснува и забрзува споделувањето фајлови помеѓу повеќе уреди што ги користи еден корисник. Секако, корисникот сепак ќе треба да го одобри и трансферот доколку потекнува од уред кој не ја споделува неговата сметка на Google.
Понатаму, Раман наведува дека оваа функционалност е присутна во најновата верзија на Google Play Services, но дека сè уште не е достапна за корисниците и дека не се знае кога корисниците ќе ја видат оваа опција.