Компаниите Google, Samsung и Qualcomm веќе подолго време работат на очила за проширена реалност (XR) за да го предизвикаат Apple Vision Pro, но нивното деби постојано беше одложувано поради загриженоста на директорите дека не се доволно импресивни за потрошувачите.
Повторно слушнавме за платформата на крајот од неодамнешниот Galaxy Unpacked настан, кога Рик Остерлох (ВП на платформи и уреди на Google) потврди дека Google работи со Samsung и Qualcomm на развој на платформа, на којка ќе работат идните XR уреди .
По него зборуваше и Т.М Рох, претседател на Samsung и шеф на мобилната дивизија на компанијата, кој додаде дека новата XR платформа ќе биде објавена подоцна во текот на годината. Ова дефинитивно звучи како потврда дека XR очилата на Samsung ќе бидат достапни во наредните месеци.
Според извори на Business Insider, девелопер верзија на очилата ќе биде пуштена во продажба во октомври, а конечната комерцијална верзија за крајните корисници се очекува во март следната година. Веб-страницата наведува дека очилата требало да бидат објавени на почетокот на оваа година, но биле одложени за да бидат унапредени.
Се шпекулира дека Samsung развива конкурент на Apple Vision Pro наречен Samsung Infinite, а Qualcomm подготвува нов супер чип кој ќе ги напојува очилата. Се шпекулира дека уредот на Samsung ќе има цена од околу 1.500 долари наместо 3.500 долари, колку што Apple бара за својот просторен компјутер.