Кинеската компанија MingYang Smart Energy постави турбина на ветер со два ротори (глави), која воедно е и најголемата пловечка платформа од овој тип.
Ветерната турбина Ocean X има облик на буквата V, содржи две турбини, а нејзиниот вкупен капацитет е 16,6 MW. Сместена е во јужниот кинески пристанишен град Гуангжу и се проценува дека ќе произведува 54.000 MWh електрична енергија годишно, што е доволно за напојување на околу 30.000 кинески домови.
Морските решенија на MingYang Smart Energy, кои можат да генерираат енергија од ветер во длабоки води до 100 километри од брегот и 100 метри длабочина, ги вклучуваат MySE 5,5 MW, MySE 7,25 MW и новиот Ocean X 16,6 MW пловечки систем на турбина на ветер со два ротори.
Во декември 2023 година компанијата ја претстави првата турбина отпорна на тајфуни, чија моќност изнесува 18 MW. Прототипот на платформата OceanX во сооднос 1:10 беше тестиран во 2020 година, а во април оваа година компанијата ја заврши инсталацијата во оригинална големина. Двата ротори напојувани од MySE16.6(T) турбини на ветер со ножеви со дијаметар од 182 метри се наоѓаат на врвот на структурата во облик на V буквата. Оваа структура е фиксирана со високонапонски држачи за кабли и е поставена на пловечка платформа во форма на буквата Y, што обезбедува максимална стабилност.
Пловечката турбина тежи околу 16.500 тони и е дизајнирана да работи во води подлабоки од 35 метри, што ѝ овозможува да користи оптимални морски ресурси на ветер.
Од MingYang тврдат дека можноста за целосна ротација на турбините дополнително ја подобрува нивната ефикасност. Платформата е изработена од бетон со ултрависоки перформанси за зголемена издржливост и економичност. Таа користи систем за прицврстување со една точка, кој ја зголемува стабилноста дури и во услови на тајфун и го намалува влијанието врз морската средина.
Платформата OceanX е дизајнирана да издржи урагани од трета категорија, како и ветрови кои дуваат со брзина до 260 km/h и бранови високи до 30 метри. Може да генерира електрична енергија дури и во овие екстремни услови.