Кога роверот на NASA, Curiosity со своите 899 килограми помина над карпата на 30 мај, таа се скрши. Научниците биле изненадени кога забележале жолти сулфурни кристали во нејзината внатрешност. Иако сулфатите се доста чести на Црвената планета, ова е првпат таму да се најде сулфур во неговата чиста елементарна форма.
Кога мислиме на сулфур, обично помислуваме на мирисот на расипани јајца. Но, тој мирис доаѓа од гасот водород сулфид. Елементарниот сулфур нема мирис и се формира во многу ограничени услови. Така, научниците беа воодушевени кога одблизу ја погледнаа околината, каналот Гедиз Валис, и забележаа многу светло обоени карпи кои личат на оние кои ги смачка роверот.
„Вакви карпи не требаше да бидат таму, па сега треба да објасниме“
Поточно, експертите веруваа дека на Црвената планета не треба да има карпи направени од чист сулфур
„Пронаоѓањето на поле со чисти сулфурни карпи е како откривање на оаза во пустина. Тие не требаше да бидат таму, па сега треба да го објасниме тоа“, рече планетарниот научник Ашвин Васавада од лабораторијата за млазен погон на NASA.
„Истражувањето на далечните планети е навистина возбудливо поради овие чудни и неочекувани откритија“, додаде тој.
Сулфатите се соли кои се формираат кога сулфурот, обично во сложена форма, се комбинира со други минерали во водата. Кога водата испарува, минералите се сушат, оставајќи зад себе сулфати. Чистиот сулфур, од друга страна, се формира само под специфични и ограничени услови.
Низ оваа област во античкото минато течела река
Депозити на елементарен сулфур создадени со редукција или бактериско распаѓање на сулфат може да се најдат на многу места на Земјата, најмногу во САД долж брегот на Мексиканскиот Залив, но експертите не очекуваа дека ќе го најдат на Црвената планета.
Очигледно, сè уште има многу непознати за геолошката историја на Марс. Сега треба да разбереме како елементарниот сулфур завршил на површината на Марс. Во меѓувреме, роверот Curiosity ќе продолжи да собира податоци и примероци за анализа со цел да го олесни нашето разбирање на геологијата на Црвената планета.
Дупка 41
Каналот Гедиз Валис е многу интересна област низ која течела древна река пред милијарди години, а научниците чекале прилика да земат примерок од камења од каналот. Тоа го постигнаа на 18 јуни. Иако не можеа да земат примерок од карпата што содржи сулфур, таа беше премногу мала и кревка, тие забележаа големи карпи во близина кои беа совршени за земање примероци.
Беше потребно извесно време за инженерите да ја најдат оптималната локација за дупчење. Дури за време на 41-вата дупка тие можеа да земат примерок од прав. По таа мисија, роверот продолжи по каналот, подготвен за можни изненадувања веќе на следната карпа.