Open AI го опиша SearchGPT како „привремен прототип на нови функции за пребарување на вештачка интелигенција, нудејќи му на корисникот брзи и навремени одговори со јасни и релевантни извори“
Компанијата Open AI го претстави прототипот на својот пребарувач со вештачка интелигенција, наречен SearchGPT, којшто има за цел да им даде „брзи и точни одговори со јасни и сигурни извори“ на корисниците.
Овој потег го означува влезот на OpenAI на конкурентниот пазар на пребарувачи, на кој со децении доминира Google. На својата веб-страница, компанијата го опиша SearchGPT како „привремен прототип на нови функции за пребарување на вештачка интелигенција, нудејќи му на корисникот брзи и навремени одговори со јасни и релевантни извори“. Компанијата планира да го тестира производот со 10.000 почетни корисници, а потоа да го претстави на ChatGPT.
„Сметаме дека има простор пребарувачите да станат подобри отколку што се денес“, напиша извршниот директор на компанијата, Сем Алтман, во објавата на мрежата X.
Компанијата посочи дека планира да ја интегрира алатката, којашто засега е во тест-период, со веќе популарниот ChatGPT четбот. Open AI ги охрабрува корисниците „да пребаруваат на поприроден и поинтуитивен начин“ и да поставуваат дополнителни прашања, исто како што „прават при разговор“.
Новиот пребарувач би можел да биде сериозна конкуренција за Google и неговите вообичаено доминантни пребарувачи, велат познавачите.