Xiaomi го претстави Redmi Pad SE 8.7, уред за оние кои бараат таблет со компактни димензии и релативно ниска цена
Како што се зголемуваа мобилните телефони, растеа и таблет уредите. Оние кои бараат таблет во последните години и се ограничени со одреден буџет, сигурно знаат дека е речиси невозможно да се најде солиден таблет со екран под 10 инчи. Сепак, Xiaomi сега има решение за тоа и го донесува во Европа – Redmi Pad SE 8.7.
Како што сугерира неговото име, Redmi Pad SE 8.7 доаѓа со 8,7-инчен IPS LCD екран со резолуција од 800 x 1.340 пиксели, сооднос од 5:3 и брзина на освежување од 90 Hz. Бидејќи се работи за таблет од ниска класа, екранот можеби не е најсветол, но со максималните 600 нита, сепак ќе биде доволен за употреба во повеќето услови на осветлување.
Таблетот доаѓа во две верзии, Wi-Fi и LTE, а двете се напојуваат со Helio G85 чип на MediaTek поврзан со 4 GB RAM и 64 или 128 GB простор за складирање, кој може да се прошири со microSD картичка. Helio G85 беше направен во производствен процес од 12 нанометри и за прпат беше претставен во 2020 година. Тогаш беше наменет како чипсет за мобилни гејмери со буџет, но сега е застарен, така што Redmi Pad SE 8.7 нема да биде добар избор за играње игри со поголеми барања. За нормално веб-прелистување и гледање содржини, ќе служи сосема коректно.
Што се однесува до камерите, кои ретко се главен елемент на таблет уредите, Redmi Pad SE 8.7 има 8MP камера на задната страна што може да снима Full HD видео, додека на предната страна има камера од 5 мегапиксели за автопортрети и видео повици. Има и батерија од 6.650 mAh со поддршка за жично полнење од 18 вати, како и два Dolby Atmos звучници и 3,5 милиметарски приклучок за слушалки. Софтверската страна е покриена со HyperOS на Xiaomi базиран на Android 14.
Redmi Pad SE 8.7 ќе биде достапен за купување на европскиот пазар во сива, зелена и сина боја. Основната верзија ќе чини 150 евра, додека верзијата со LTE конекција ќе биде поскапа за 30 евра.