Google Meet доби нова алатка за вештачка интелигенција наречена „Take notes for me“, која ќе креира резимеа на клучните точки за време на видеоповиците.
Наместо да нуди транскрипција од збор до збор, новата функција го користи Gemini AI за да ги сними клучните точки од разговорот во Google Doc, кој ќе се појави на Google Drive на корисникот, односно стартерот на разговорот. Документот може автоматски да се испрати до учесниците во разговорот или да се додаде во календарот на настани, а ќе вклучува и линкови до снимки од видео разговор и ќе понуди транскрипти доколку овие функции се одобрени.
Корисниците на Google Workspace со Gemini Enterprise, Gemini Education Premium и AI Meetings & Messaging додатоците ќе бидат првите кои ќе добијат пристап до новата функција за креирање белешки, која во моментов е ограничена на англиски и на разговори што се водат преку компјутерите и лаптопите.
Google ги објави плановите за инкорпорирање на генеративната AI технологија во повеќе од своите услуги и агресивно ги интегрира функциите на вештачката интелигенција во својот хардвер и софтвер. Асистентот за вештачка интелигенција Gemini „се појавува“ во апликациите за Android и Workspace, а корисноста на овие функции може да варира во зависност од тоа колку добро работи вештачката интелигенција и колку е точна.