Европската вселенска агенција (ESA) објави на социјалните мрежи дека жителите на Филипините ќе можат да бидат сведоци на спектакуларна огнена топка на небото еден час по полноќ.
Астероид со дијаметар од еден метар ќе удри во атмосферата на Земјата по полноќ по локално филипинско време, објави Европската вселенска агенција (ESA) во соопштението на платформата X.
„Астероид со дијаметар приближно еден метар ќе удри во атмосферата на Земјата над Филипините во близина на островот Лузон во 17:08 (UTC) денес, 4 септември. Објектот е безопасен, но луѓето во околината ќе можат да видат спектакуларна огнена топка!“, соопшти ESA.
Споменатиот астероид беше откриен дури утрово од опсерваторијата Catalina Sky Survey во Аризона, која е специјализирана за откривање комети и астероиди.
Интересно е и тоа што ова е само деветтиот астероид кој човештвото досега успеало да го открие пред да удри во атмосферата на Земјата.