На вечерашниот настан наречен „It’s Glowtime“, Apple ја претстави новата iPhone 16 серија смартфони, а сите четири модели ќе ги поддржуваат функциите на Apple Intelligence.
Новиот стандарден модел носи подобрени перформанси, подобрени физички копчиња и нови функционалности кои им овозможуваат на корисниците полесно да комуницираат со уредот. Како што беше истакнато на настанот, iPhone 16 ја слави бојата и доаѓа во освежени нијанси кои се поживописни во споредба со претходните верзии. Покрај тоа, двојната камера на задната страна е поставена вертикално, потсетувајќи на дизајнот виден на iPhone 12 од 2020 година, а го одликува и издржливоста и керамичката заштита на дисплејот, која пружа поголема заштита во споредба со кој било друг телефон.
iPhone 16 доаѓа во две големини на екранот, 6,1 инчи и 6,7 инчи за Plus моделот, a новите уреди ги покренува новиот A18 чип, кој е креиран за неверојатните можности на Apple Inteligence. A18 чипот е направен во 3nm процес, кој е за 30% побрз од процесорот на iPhone 15. Овој чип ги подобрува перформансите на уредот, го зголемува животниот век на батеријата, а има зголемена отпорност на вода и прашина.
Од левата страна е сместено Action копчето, наменето за стартување на апликации по желба на корисникот или одредени акции, кое за прв пат се појави на Pro моделите минатата година, додека новитет е и Control camera копчето за стартување на камерата и функциите во рамки на камерата (на пример зумирање, менување на фокусот и експозицијата). Control camera копчето е капацитативно со хаптик фидбек и е сместено под копчето за вклучување и дизајнирано да биде на исто ниво со куќиштето.
Што се однесува до камерите, iPhone 16 има главна камера од 48 мегапиксели и нова ултра широка камера со автофокус. Системот со двојна камера овозможува функции како 2x режим на сечење и макро фотографирање, кои се опции кои претходно беа достапни само на моделите Pro.
Екранот на iPhone 16 останува ист како претходната генерација – 6,1 инчи, додека iPhone 16 Plus има екран од 6,7 инчи. Новина е што овие екрани можат да достигнат максимална осветленост од 2.000 nits, додека во темни услови може да се намалат на 1 nit, обезбедувајќи оптимално искуство за корисниците. Дизајнот останува сличен на iPhone 15, со безжично полнење MagSafe, Dynamic Island на врвот за предната камера и сензорите за Face ID и USB-C порта за полнење и пренос на податоци.
Основната верзија на iPhone 16 со 128GB простор чини 799 долари, додека iPhone 16 Plus со исто толку простор чини 899 долари.