Астрономите објавија огромна мапа на Млечниот Пат и на тој начин претставија откритија кои засекогаш го сменија нивниот поглед кон оваа галаксија.
Инфрацрвената мапа содржи повеќе од 1,5 милијарди објекти, вклучително и новородени ѕвезди, што ја прави најдетална во историјата. Користејќи ги телескопите ESO и Vista, научниците ги надгледувале централните области на Млечниот Пат повеќе од 13 години.
Данте Минити, астрофизичар од Универзитетот Андрес Бело во Чиле, го предводеше целиот проект.
„Направивме голем број откритија, засекогаш го променивме начинот на кој гледаме на нашата галаксија“, рече Минити.
Податоците покриваат површина на небото еквивалентно на 8.600 полни месечини и содржат околу 10 пати повеќе објекти од претходната мапа објавена од истиот тим во 2012 година.
Набљудувањето на инфрацрвената светлина, исто така, му овозможува на телескопот да забележи многу ладни објекти кои сјаат на овие бранови должини, вклучително и кафените џуџиња, т.е. ѕвезди кои немаат постојана нуклеарна фузија или слободно лебдечки планети кои не орбитираат околу ѕвезда.
Масивната инфрацрвена мапа содржи 500 терабајти податоци, што го прави најголемиот набљудувачки проект што некогаш бил изведен од телескоп ESO.
Инфрацрвената светлина не е видлива за човечкото око, туку ја емитуваат сите предмети во зависност од нивната температура. Телескопот може да ја открие оваа енергија и да ја претвори во визуелна слика и да ги создаде фотографиите што ги гледаме.
Мапата е создадена од 200.000 слики направени со телескопот Vista во опсерваторијата Паранал на ESO во Чиле. Неговата инфрацрвена камера може да „ѕирка“ низ прашината и гасовите што се шират низ нашата галаксија, па може да го „види“ зрачењето дури и од најскриените места на Млечниот Пат.
Астрономите го започнаа проектот во 2010 година, а го завршија во првата половина на 2023 година. Набљудувајќи го секој дел од небото повеќе пати, тимот можеше да ги одреди локациите на овие објекти и да следи како тие се движат и како се менува нивната осветленост.
„Завршувањето на најголемата светска инфрацрвена карта на Млечниот Пат е неверојатно достигнување за астрономската заедница. Добиените податоци се непроценливи увиди во структурата и составот на Млечниот Пат и ќе продолжат да отвораат нови патишта за идни истражувања кои ќе го унапредат нашето разбирање на универзумот за годините што доаѓаат“, рече Оскар Гонзалес од Британскиот астрономски технолошки центар.