OpenAI тестира апликација за ChatGPT за оперативниот систем Windows, која моментно е достапна само за корисниците кои плаќаат за оваа услуга.
Исто како и Mac верзијата на ChatGPT, апликацијата за Windows им овозможува на корисниците да поставуваат прашања до четботот напојуван со вештачка интелигенција преку прозорец што може да се чува отворен заедно со другите апликации. Брзиот пристап до апликацијата е овозможен со кратенката Alt+Space.
Апликацијата овозможува прикачување на фајлови и фотографии на ChatGPT и доаѓа со пристап до преглед на моделот o1 на OpenAI, кој е способен за „резонирање“. Сепак, на апликацијата сè уште и недостасуваат некои функции како напреден гласовен режим.
Недолго откако OpenAI ја лансираше апликацијата ChatGPT за Mac во јуни, програмер забележа безбедносна ранливост што ги складираше разговорите во текстуална форма. Тогаш компанијата го реши тој проблем и сега ги шифрира локално складираните податоци.
Иако само претплатниците на ChatGPT Plus, Enterprise, Team и Edu можат да ја користат апликацијата на Windows, OpenAI вели дека планира да ја понуди на сите подоцна оваа година.
Апликацијата може да се преземе преку Microsoft Store.