Опцијата наречена „super resolution“ ќе овозможи зголемување на квалитетот на лошите фотографии благодарение на вештачката интелигенција. Сепак, таа нема да биде достапна за сите, туку само за корисниците на нивните „AI компјутери“.
Корисниците кои се пријавени во програмата Windows Insider на Microsoft, неодамна добија можност да ја пробаат новата функција во апликацијата за преглед на слики, Photos, која е вградена во Windows 11. Оваа апликација во последно време доживува промени, па во редовните надградби веќе доби можности за препознавање и отстранување на позадината на сликите, како и генеративно бришење на објекти, поддржани од вештачката интелигенција.
Новата промена би можела да биде уште покорисна за поширок круг корисници – апликацијата ќе добие можност за зголемување на резолуцијата на лоши, мали слики во новите изданија. Опцијата е наречена „super resolution“ и всушност го зголемува нивото на детали и ги зголемува малите слики за дури до 8 пати. Зад сето тоа, секако, стојат невронските мрежи кои го спроведуваат овој „upscaling“. Од Microsoft велат дека новата функција е тука за да им даде на корисниците можност да го зголемат квалитетот на лошите фотографии, да ги подготват фотографиите од мала или нормална големина за печатење или прикажување во голем формат, како и за сечење („crop“) на најинтересните делови од сликите без губење на големината и оригиналната резолуција.
Едно големо „но“
Сепак, новата интересна функција е замислена да се извршува локално на компјутерот, а не во облак или со помош на некоја онлајн услуга или модел на вештачка интелигенција. Таквото извршување на подобрувањето на сликите ќе биде побрзо и поефикасно, но доаѓа со ограничување. За активирање на новата функција е неопходен дел од процесорот кој е задолжен за извршување на операции во невронските мрежи (Neural Processing Unit, NPU), кој го немаат сите – туку само новата линија на Microsoft Copilot+ компјутери, поддржани од процесорите на Snapdragon.
За локално подобрување на сликите и зголемување на нивната резолуција, покрај таков компјутер, потребно е да се има Windows 11 ажуриран на последната верзија (24H2) во Canary, Dev или Release Preview верзија, исто така таква апликација Photos и, засега, да се биде еден од „инсајдерите“. Со текот на времето се очекува функцијата да се појави и во редовната корисничка верзија на Windows, но не надвор од околината на нивните специјализирани AI компјутери.