Радикалната хипотеза, која сугерира дека црните дупки можат да бидат причина за забрзаното ширење на нашиот универзум, предизвика контроверзии меѓу астрономите. Новата студија би можела да содржи први интригантни индикации дека оваа теорија би можела да биде многу точна.
Астрономите можеби пронашле привлечни докази дека темната енергија, мистериозна енергија која го поттикнува забрзаното ширење на универзумот, може да биде поврзана со црните дупки. Темната енергија сочинува приближно 70% од нашиот универзум, и се верува дека е создадена во периодот по Големиот прскот пред 13,8 милијарди години, со што го поттикнала растот на космосот. Најновата теорија тврди дека токму црните дупки се извор на темната енергија.
Меѓутоа, точното потекло на оваа мистериозна сила останува нејасно. Во последните години, некои астрономи предложија радикална теорија според која темната енергија не би била дифузно распространета низ целиот универзум, туку би можела да потекнува од центрите на огромните црни дупки. Сепак, некои научници ја отфрлија оваа теорија како неоснована.
Сега, нова студија тврди дека ги пронашла првите знаци на поврзаност меѓу овие два наизглед неповрзани феномени: подударност меѓу растечката густина на темната енергија и растечката маса на црните дупки како што универзумот стареел. Истражувачите ги објавија своите откритија на 28 октомври во списанието „Journal of Cosmology and Astroparticle Physics.“
„Ако си го поставите прашањето: „Каде во подоцнежниот универзум гледаме гравитација толку силна како што беше на почетокот на универзумот?“ одговорот е во центарот на црните дупки,“ изјави коавторот на студијата Грегори Тарле, професор по физика на Универзитетот во Мичиген. „Можно е она што се случи за време на инфлацијата да се одвива во спротивна насока; материјата на масивна ѕвезда повторно станува темна енергија за време на гравитациониот колапс, како мал Голем прскот во обратна насока.“
За да најдат траги кои би ја поврзале темната енергија со црните дупки, истражувачите го користеле инструментот за спектроскопско мерење на темната енергија (DESI) поставен на телескопот Никола У. Мајал со пречник од 4 метри во Аризона. Овој инструмент месечно одредува позиции на милиони галаксии, овозможувајќи им на научниците да проучуваат како универзумот се ширел до денес. На тој начин астрономите можат да ја проценат густината на темната енергија во текот на животот на универзумот врз основа на брзината со која се шири космосот.
Со споредување на овие податоци за темната енергија со растот на црните дупки во различни фази од животот на универзумот, истражувачите направија интригантно забележување.
„Овие два феномени беа конзистентни еден со друг. Како што се создаваа нови црни дупки при смртта на масивни ѕвезди, количината на темната енергија во универзумот се зголемуваше на соодветен начин,“ изјави коавторот Данкан Фара, вонреден професор по физика на Универзитетот на Хаваи, во своето соопштение. „Ова го прави поверојатно дека црните дупки се извор на темната енергија.“
Ако хипотезата се покаже како точна, би можела да помогне во решавање на растечкиот проблем во космологијата. Веќе со години астрономите откриваат дека универзумот се чини дека се шири со различни брзини, во зависност од тоа каде го набљудуваат, проблем кој го нарекуваат Хаблова тензија. Некои мерења го потврдуваат нашето најдобро тековно разбирање на универзумот, додека други се закануваат да го нарушат тоа, пишува Live Science.
Сепак, и покрај оваа интересна поврзаност, астрономите велат дека се потребни уште бројни набљудувања, преку DESI и други експерименти, пред да се дојде до какви било цврсти заклучоци.
„Во основа, прашањето дали црните дупки се темна енергија е поврзано со универзумот што го населуваат и престана да биде само теоретско прашање,“ изјави Тарле. „Ова сега е експериментално прашање.“