Неколкудецениската соработка на Русија со Европската организација за нуклеарни истражувања (CERN) во Женева е при крај, јави во неделата ДПА, истакнувајќи дека научниците од таа европска институција соработувале и со Русија за време на Студената војна.
Беате Хајнеман, директор на одделот за физика на честички во германскиот истражувачки центар Електронски синхротрон (DESY) во Хамбург, изјави за dpa дека повлекувањето на Русија ќе има голем број негативни последици.
„Ова не значи дека некои истражувања ќе бидат невозможни поради прекинот на соработката, но ќе биде многу потешко и побавно, ќе има одложувања“, рече Хајнеман.
Околу 1.000 научници од Русија беа вклучени во проектите на CERN
CERN, основан во екот на Студената војна во 1954 година, е една од најважните истражувачки институции за физика на честички и е дом на најмоќниот акцелератор на честички во светот.
Илјадници научници од целиот свет работат на истражување во CERN. Околу 1.000 научници од Русија беа вклучени во проектите, рече Јоаким Мних, директор за истражување во CERN.
„Пред да заминат, тие беа многу корисни во пренесувањето на нивната експертиза, колку што можеа“, рече Мних.
Голема штета
„Научниците од CERN работеа со Русија за време на Студената војна, мотивирани од научната љубопитност и во мирна средина. Се чини дека тоа веќе не е можно, што е голема штета“, рече Маркус Клуте, раководител на Институтот за физика на експериментални честички на Институтот за технологија (KIT) во Карлсруе.
Во јуни 2022 година, CERN одлучи да ги раскине договорите за соработка со Русија и Белорусија поради војната во Украина. Петгодишниот договор со Белорусија истече на 27 јуни, а со Русија на 30 ноември.
Заминувањето на руските научници сериозно ќе се одрази на проектите на CERN, вклучително и експериментите на The Large Hadron Collider (LHC), бидејќи Русија учествуваше со 4,5 отсто од буџетот за тие експерименти, односно придонесуваше со 2,3 милиони швајцарски франци годишно.