Кога сакате да „избегате“ од некого на социјалните мрежи, вообичаено го блокирате за да нема пристап до вашиот профил. Сепак, на платформата X, правилата ќе се променат, па криењето ќе стане потешко.
Нова промена на социјалната мрежа X, некогашен Twitter, кога станува збор за следењето и блокирањето корисници. Досега блокирањето на мрежата функционираше како и на сите останати – кога сакавте да „побегнете“ од некој кориснички профил, можевте да го блокирате и целосно да ги скриете вашите содржини од него. Тој начин вообичаено е корисен за избегнување несакани интеракции и криење од луѓе за кои не сакате да ви ги читаат објавите и „шпионираат“ на вашиот профил, но на X решија да го променат начинот на кој функционира блокирањето.
Удар врз приватноста?
Наместо блокирањето, како што е опишано, да го спречи пристапот до вашиот профил, отсега блокираните ќе можат да дојдат до него и да го видат сето она што се наоѓа на профиклот. Единственото што блокирањето всушност ќе го спречи е било каква форма на интеракција помеѓу блокираните профили. Значи, оние кои ги блокирате на X нема да можат да коментираат (нити да ставаат „лајк“ или ретвит) на вашите објави, но сепак ќе можат да ги гледаат.
Оваа промена не е добро прифатена меѓу самите корисници. Тие истакнуваат дека ваквиот начин на блокирање ќе го намали правото на приватност, ќе овозможи следење, несакано надгледување, па дури и злоупотреба – односно, ќе поттикне сѐ што блокирањето досега можеше да спречи. Некои истакнуваат и дека оневозможувањето на „нормалното“ блокирање ги крши правилата на продавниците за апликации App Store и Google Play Store, бидејќи таму е наведено дека социјалните мрежи мора да овозможат „блокирање на насилниците од платформата“. Но, дали ова се однесува на секое корисничко блокирање или само на можноста платформата да отстрани несакани корисници, ќе покаже толкувањето на Google и Apple.
Новиот начин на блокирање беше најавен уште минатата година, а овие денови постепено ќе стапи во сила. Значи, доколку имате на X листа на „блокирани“, можете да очекувате дека сите тие наскоро ќе можат да го видат вашиот профил и сите објави на него. Од платформата велат дека од ова можете да се заштитите со заклучување на профилот, со што тој ќе остане достапен само за следбениците.